Воведувањето на наплатата од 15 денари за секоја сметка што во хартиена форма ќе се плати на некој од шалтерите на мобилните оператори предизвикало голем број реакции до Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ), а одговорните оттаму велат дека тоа се најчесто повозрасни граѓани што не користат интернет и се научени, традиционално, по стигнувањето на пензијата да ги платат сметките во продажните салони и за тоа да добијат потврда
ОТКОГА МОБИЛНИТЕ ОПЕРАТОРИ ЈА ЗБОГАТИЈА ПОНУДАТА СО МОЖНОСТ ЗА ЕЛЕКТРОНСКО ПЛАЌАЊЕ
Мобилниот оператор „Македонски телеком“ на своите корисници им овозможи електронско плаќање на сметките и тие веќе еден месец ја користат оваа погодност, но на оние што и натаму плаќаат во нивните салони, им наплаќа провизија од 15 денари. Корисниците велат дека иако оваа сума не е голема, им дејствува како казна. Со тоа особено е погодена повозрасната популација, за која електронското плаќање, сепак, е сложен процес. И мобилниот оператор А1 од први август ќе ја воведува оваа новина за електронско плаќање сметки, така што и неговите корисници стравуваат дека ќе им се наплаќа провизија. Дали е ова навистина така на официјално поставените прашања од „Нова Македонија“ не добивме одговор од мобилниот оператор А1, но на граѓаните што се јавиле во нивниот повикувачки центар, на поставеното прашање им одговориле потврдно и ги информирале дека провизијата за наплата на телефонската сметка кај нивниот продавач ќе изнесува 15 денари. Оваа новина предизвикала голем број реакции до Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ), а одговорните оттаму велат дека тоа се најчесто повозрасни граѓани што не користат интернет и се научени, традиционално, по стигнувањето на пензијата да ги платат сметките во продажните салони и за тоа да добијат потврда.
– Во општите услови на операторите и во договорот на корисниците стои дека имаат право да добиваат хартиена сметка. По нивно барање, операторот може да им издаде само електронска сметка. Но тоа не е задолжително туку е право на избор на потрошувачот. Наплатата на провизија е политика на компанијата. Но доколу во општите услови и договорот на корисникот стои дека може да ги плаќа своите сметки во продажниот салон на операторот без провизија, тогаш тоа значи промена на договорните услови и операторот е обврзан за истото тоа да го извести корисникот и да му даде доколку сака да го раскине договорот. На веб-страницата на „Македонски телеком“ во моментот и во општите услови во стандардниот претплатнички договор нема таква одредба. Но во општите услови и стандардниот договор на А1 има одредба со која му се дава право на потрошувачот да ги плаќа сметките без провизија во продажниот салон -појаснуваат од ОПМ.
Во објаснувањата од компаниите, пак, засега, акцентот се става на придобивките од електронското плаќање.
– Дигитализацијата, во чии рамки се вбројува и електронското плаќање, е неминовен процес, се случува во сите сфери и е корисна за сите граѓани, што особено се потврдува во ова време на пандемија. Со електронскиот начин на плаќање денес здравствениот ризик е помал, се намалува времето на чекање на шалтерите во продавниците, со што ние како компанија давател на услуги можеме повеќе да им се посветиме на корисниците, а нашите продажни агенти детално да ги информираат за услугите и продуктите, да им го понудат најдоброто решение за нивните комуникациски потреби за тие да го направат најсоодветниот избор. Затоа, и целта на наплатата на надоместокот е да се поттикнат корисниците да го користат електронското плаќање. Доставата на електронски сметки е едноставен, брз и пред сè еколошки начин на добивање на месечната сметка. Сепак, корисниците имаат можност да изберат и хартиена сметка, која ја добиваат по пошта на домашна адреса. Ова е само промена на начинот на кој се праќаат сметките, додека содржината на сметката е иста, без разлика дали таа е електронска или хартиена – објаснуваат од „Македонски телеком“.
Оттаму дополнуваат дека електронското плаќање не е единствениот достапен начин на плаќање и дека компанијата овозможува повеќе начини на брзо и едноставно плаќање сметки, а доколку корисникот сепак сака да плати во продавница, тоа може да го стори и преку терминалите за наплата на едноставен и брз начин без дополнителни трошоци, самостојно или со помош на нивните продажни агенти. Со постоењето на повеќе опции за наплата, од „Телеком“ велат дека секогаш се обидуваат да им излезат во пресрет на различните потреби на корисниците и да им помогнат да го заштедат своето време.
Каде не се плаќаат провизии за сметките за вода, струја и парно
Граѓаните не плаќаат само сметки за мобилните телефони, туку плаќаат и сметки за вода, струја, парно. Доколку наплатата ја извршат банките, тогаш тие им наплаќаат провизија, чија висина варира во зависност од банката. За сметки за вода, парно и струја претпријатијата даватели на овие услуги не наплаќаат провизии.
– Корисниците на нашите услуги што ги намируваат фактурите на шалтерите во ЈП „Водовод и канализација“ (независно дали плаќањето е готовински или со картичка), не плаќаат провизија – велат од скопски „Водовод“.
Граѓаните не плаќаат провизија ниту кога плаќаат сметки за парно.
– Нашите потрошувачи, фактурите за топлинска енергија можат да ги платат електронски, без провизија, преку нашата веб-страница, со најава и регистрација и без регистрација. Исто така, без провизија, потрошувачите може да ги платат фактурите за топлинска енергија во нашите наплатни центри – информираат од „Балкан енерџи груп“.
Наплатните пунктови на ЕВН, како што објаснија оттаму, се затворени веќе подолго време низ целата земја, но речиси во сите кориснички енергоцентри на „Електродистрибуција“ и инфоцентарот во ГТЦ постојат терминали за наплата, на кои услугата за плаќање се реализира електронски со картичка и без провизија.