Американската автомобилска компанија „Форд“ соопшти дека ќе затвори седум илјади работни места во администрацијата или околу 10 отсто од својата глобална работна сила со фиксни месечни примања.
Компанијата се одлучила на ваков потег во рамки на напорите за намалување на трошоците. Според процените на „Форд“, отказите би требало да ѝ донесат заштеда на компанијата од околу 600 милиони долари годишно.
Вработените од денеска ќе почнат да примаат известувања за најавените кратења, а целиот процес би требало да заврши до крајот на август.
Во Северна Америка ќе бидат укинати околу 2.400 работни места.
Извршниот директор на „Форд“, Џим Хакет, во електронска порака до вработените напишал дека укинувањето на работните места ќе биде реализирано низ доброволно напуштање на работата и откази.
-За да успееме во нашата конкурентна индустрија и да го позиционираме ‘Форд’ да победи во иднината која забрзано се менува, мораме да ја намалиме бироктратијата, да ги зајакнеме менаџерите, да го забразаме процесот на носење одлуки, да се фокусираме на највредните работи и да ги намалиме трошоците- напишал Хакет.