Постојаниот комитет на италијанскиот парламент усвои амандман во кој се прецизира дека компаниите со седиште надвор од Италија не можат да сметаат на државна помош за да ги ублажат штетите или загубите предизвикани од блокадата поради пандемијата на коронавирусот.
Со ова се стави крај на дебатата за тоа кој има право на државна помош, која, според извештаите на италијанските медиуми, ги запалила и политичарите и јавното мислење.
Ваква одлука претходно донесоа Данска и Франција.
Според италијанскиот печат, ова е многу важна одлука што потенцијално може да влијае на закрепнувањето на многу компании.
Една од нив е италијанско-американската компанија „Фиат-Крајслер Автомобили“ (ФЦА), која има седиште во Холандија, но и бројни фабрики во Италија и директно вработува околу 55.000 работници.
ФЦА побара државен заем од 6,3 милијарди евра, а според медиумите, фактот дека станува збор за мешана компанија со седиште во друга земја, го ставил проблемот во фокусот на вниманието на јавноста и политичарите.
Андреа Орландо, член на Демократската партија во Италија, изјави дека компанија што аплицира за заем загарантиран од италијанската држава, треба да го врати седиштето во Италија.
Според извештаите на медиумите, од една страна биле лидерот на десничарската Лига, Матео Салвини и лидерот на партијата од левиот центар „Италија Вива“, Матео Ренци, за кои е клучно да се овозможи продолжување на производството на фабриките на ФЦА во Италија.
Министерот за економија Роберто Гуалтиери изјави дека од ФЦА ќе бидат побарани дополнителни гаранции дека помошта ќе се користи за тој дел од компанијата што работи во Италија.