Во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој беа потпишани седум договори за набавка на приплоден добиток од вкупно 70 апликации, за чие кофинансирање се предвидени 151 милион денари обезбедени преку Програмата за рурален развој.
– Вкупната финансиска поддршка на овие седум договори изнесува 22 милиони денари, пари со кои фармерите ќе набават педигрирани машки и женски приплодни грла кози, високостелни педигрирани јуници со исклучок на расата буша, педигрирани машки и женски приплодни грла овци од увоз или од признаени организации – рече директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски. Тој истакна дека максималната вредност на прифатливи трошоци по корисник изнесува до 6,5 милиони денари, а право на користење имаат земјоделските стопанства запишани во единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството за земјоделство. Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу две барања по различни мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2019 година.
– Со седумте договори, апликантите ќе набават околу 500 грла добиток и тоа јуници холштајн, симентал, како и ангус од кои се добива матично стадо, овци асаф и други раси добиток, кои значително ќе го подобрат квалитетот на домашното производство на млеко и ќе го окрупнат домашниот сточен фонд – посочи Бабовски и додаде дека во наредните денови ќе се потпишат и другите договори со апликантите што ги исполнуваат условите.
Целта на договорите за набавка на приплоден добиток е зголемување на стадата, обновување на генетскиот потенцијал на сточниот фонд, што ќе влијае и врз зголемувањето на продуктивноста на сточарското производство и на севкупниот развој на гранката, за што се одвоени 151 милион денари. Апликантите што ги исполниле условите и кои ќе бидат поддржани со оваа мерка ќе добијат поврат од 50 до 75 отсто од вкупната инвестиција. По барање од фармерите, од годинава апликантите прво ќе склучуваат договори за набавка на приплоден добиток, па потоа ќе го набавуваат добитокот.