Најзабележителни неправилности кои од почетокот на мерката за поврат на 15 отсто од пресметаниот ДДВ ги пријавиле граѓаните на бројот 198 се неиздавање на фискални сметки и проблеми при нивното скенирање. Најголем дел од пријавите се однесуваат на ресторани, маркети, мини-маркети, колонијални продавници, фризерски студија и друго, информира Управата за јавни приходи.
Некои правни лица се пријавувани повеќепати, а има и општини за кои граѓани тврдат дека речиси ниту едно правно лице не издава фискални сметки.
Најмногу пријави за недоследности има на територијата на Скопје и тоа најчесто во општините Аеродром, Центар и Чаир.
Во општината Аеродром, на бројот 198 граѓаните пријавиле неиздавање на фискална сметка во продавници за храна, фризерско студио, кафе-бар и други објекти, каде што граѓани или не добиле фискална сметка или им била издадена невалидна.
Во општината Чаир граѓани се пожалиле дека не добиле фискална сметка во слаткарница, механичарски сервис, бутик и др.
Во повеќе делови од Скопје се пријавени недоследности при издавањето на фискалните сметки од страна на механичарски сервис, гостилница, трафика, бутик, перална за автомобили и др.
Во општината Тетово граѓанин дојавил дека не му била издадена фискална сметка за купен телефон, а неколку граѓани пријавиле дека фискални сметки не издаваат бензински пумпи, неколку маркети и кафе-барови.
Јавување за недоследности во повеќе продавници и кафе-барови пријавиле и граѓани на Крива Паланка.
Граѓаните ја известиле Управата за јавни приходи и за нерегуларности и во општината Охрид. Фискална сметка не им била издадена во ресторан и на место каде што се продавале билети за настани.
Во Прилеп граѓаните се соочиле со неиздавање на фискални сметки во продавница за храна, како и со издавање на невалидни фискални сметки од мини-маркет.
Во Свети Николе граѓаните наишле на повеќе фискални сметки коишто се со испрекинат баркод поради што не може да се вчита, а фискалните сметки им биле издадени во маркет.
Бледи фискални сметки со нечитлив баркод забележале и граѓаните од Битола, Куманово и од повеќе делови од Скопје, за што пријавиле на 198.
Во Струмица се пријавени недоследности кај колонијал што според пријавата на граѓани не издава фискални сметки, како и во стовариште.
До Управата за јавни приходи, граѓани од Дебар имаат реакции за неиздавање на фискални сметки од страна на кафе-барови и бутици.
Сѐ почести се јавувањата за купување на производи од продавници кои своите производи ги нудат и преку Интернет, најчесто облека, за што на граѓаните нарачаниот производ им се доставува без да им биде издадена фискална сметка.
Мерката поврат на 15 отсто од пресметаниот ДДВ е од корист и на граѓаните и на државата. Оваа мерка значително ќе помогне и во намалувањето на сивата економија.
Од УЈП велат дека во согласност со пријавите и по службена должност ќе спроведат интензивни контроли со цел проверка и утврдување на фактичката состојба на терен.