По пробивањето на првата тунелска цевка под Пресека, на автопатот Кичево – Охрид, до целосното завршување на работата и пробивањето на вториот тунел, преостануваат уште педесетина метри и, според прогнозите на експертите, овој тунел се очекува да биде пробиен до почетокот на март.
Тој почна да се пробива нешто подоцна за разлика од првиот, а неговата должина е поголема за 19 метри за разлика од десната тунелска цевка.
– Откако на 19 ноември го пробивме најдолгиот друмски тунел во земјава, кој е дел од автопатот Кичево – Охрид и чија должина изнесува 1.996 метри, ни преостанува да го пробиеме и вториот тунел, кој го започнавме подоцна и кој е со должина од 2.015 метри. До негово целосно пробивање ни преостануваат уште 47 метри и според нашите процени, ако имаме дневен ископ на тунелот од околу 1 метар, за очекување е до крајот на февруари и почетокот на март да биде пробиена и втората тунелска цевка. Овој тунел по неговото пробивање ќе биде наедно најдолгиот друмски тунел во земјава и втор тунел изграден на Стариот Континент од страна на нашата компанија – вели Жанг Ху, одговорниот раководител на тунелите под Пресека, каде што единствено е ангажирана оперативата на главниот изведувач на работите „Синохидро“.
Ху ги истакна проблемите со кои се соочуваат во текот на пробивањето на тунелите и нивната желба што побргу да се заврши овој зафат, најтешкиот дел од целата должина на автопатот од 57 километри.
– Од самиот почеток на пробивањето на тунелите под Пресека во мај 2014 година до денес, во секојдневната работа се соочуваме со многу непредвидливи состојби од неблагородниот состав на материјалот во планината, до големиот број подземни извори, до огромните грамади камења, високата влага и многу други детали. Сите тие придружни фактори придонесуваат пробивањето на тунелите често да се одвива побавно во однос на планираното, а за да добиеме квалитет и да ги испочитуваме сите стандарди, мораше да вршиме корекции во обложувањето на внатрешноста на тунелите, кое се изведува во повеќе фази, за да биде завршената работа на највисоко технолошко ниво – истакна Ху, додавајќи дека овие тунели се нивен дипломски испит на европскиот континент, а неговата компанија во изминатите години претежно била ангажирана во изградба на големи брани и тоа во Судан, Непал, Индонезија и други држави низ светот.
Како што посочи Ху, тој би сакал да продолжи со нови проекти во земјава, бидејќи тука се чувствува како дома, земја на добар народ, по многу нешта сличен на народот од каде што доаѓа.