Сите земјоделски стопанства што во периодот од први септември 2020 година до 31 март 2021 подигнале нови повеќегодишни лозови и овошни насади или ароматични растенија и медоносна флора (еводија, багрем и фацелија) ќе можат да аплицираат за добивање финансиска поддршка преку мерката 121, „Инвестиции во модернизација на земјоделски стопанства“, соопштија од Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Финансиската поддршка за прифатливи трошоци по корисник изнесува 2,5 милиони денари. За да може да се аплицира за добивање на оваа поддршка, потребно е барателите да ги имаат набавено садниците од снабдувачи што се запишани во регистарот на снабдувачи на семенски материјал и во регистарот на снабдувачи на саден материјал.
Средствата се обезбедени преку програмата за рурален развој, а оваа поддршка се исплаќа по принцип на кофинансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50 проценти од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестиции.
Еден барател може да поднесе само едно барање за една мерка или најмногу две барања за користење поддршка по различни мерки, земајќи ги предвид и другите мерки од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2021 година.
Корисниците на средства треба да ги имаат намирено сите финансиски обврски кон Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и финансиските обврски кон јaвното претпријатие за стопанисување со пасишта и воден надоместок кон водостопанските претпријатија.
Упатството за регистрација на барателите во системот за електронско поднесување барање за исплата може да се преземе на почетната страница на e-baranje.ipardpa.gov.mk. Крајниот рок за доставување на барањата е до 30. 9.2021 година. Е.Р.