Владата на својата редовна 167-ма седница го утврди предлог-законот за стратешки инвестиции во Република Македонија – за проекти од јавен интерес, што е во согласност со регулативата на ЕУ за вакви инвестиции.
Целта на овој закон е поттикнување, привлекување и создавање услови за спроведување на стратешките инвестиции во земјава, зголемување на економски пораст, вработување и примена на нови технологии и иновации, зголемување на конкурентските економски можности, зголемување на извозот и намалување на трговскиот дефицит и подобрување на добросостојбата и условите за живеење на граѓаните.
Во текстот што го предлага Владата за стратешки инвестициски проекти ќе се сметаат проекти со кои се врши реализација на инвестиција во висина од најмалку 100 милиони евра на територија на земјава, најмалку 50 милиони евра во општините со седиште во град, општините во Градот Скопје и најмалку 30 милиони евра во општини со седиште во село.
Предложените стратешки инвестиции, кои на предлог на Владата ќе ги усвојува Собранието, мора да бидат усогласени со стандардите за животна средина утврдени во законите на земјата и тоа за проекти за енергетиката со инфраструктурата; транспорт и телекомуникации; туризам; преработувачка индустрија; земјоделство, шумарство и водостопанство; прехранбена индустрија; здравство; индустриски и технолошки паркови; управување со отпадни води и отпад; информатичко-технолошки зони; спорт, наука и образование, како и за градење на големи мултифункционални градежни комплекси на градежни објекти кои во својот состав имаат повеќе од една од наведените области.