Постојат позитивни примери за приватни иницијативи сврзани со заштитата на животната средина, кои се управувани од пазарот, од конкуренцијата во прехранбената индустрија и супермаркетите, под притисок на интересни групи и општеството или од фармерите и нивните асоцијации и сл.
Во Македонија, како и во многу земји, концепцијата за одржливост нема долга историја на политики и практична примена сврзана со нејзиното управување. Еден од фундаментите на модерната економска теорија е дека пазарот (слободни пазари, цени, приватната иницијатива и конкуренцијата) е ефективен механизам, кој води до максимилизација на општествениот производ и на благосостојбата на одделните учесници. Исто така е прифатено и стојалиштето дека постојат случаи на пазарна деградација поврзана со различните видови странични ефекти (екстерналиите) од економска дејност. Пример, во Англија природната заштита на земјоделството чини околу 595 милиони фунти годишно, но загубата на проценетиот капитал (негативно влијае врз почвата, водата и биолошката разновидност) изнесува 1.072 милиони фунти. Затоа се заклучува дека пазарот не може да управува ефективно со одржливиот развој, па е потребно државно мешање во земјоделството.
Меѓутоа, постојат позитивни примери за приватни иницијативи сврзани со заштитата на животната средина, кои се управувани од пазарот, од конкуренцијата во прехранбената индустрија и супермаркетите, под притисок на интересни групи и општеството или од фармерите и нивните асоцијации и сл.
Појавата и развојот на органското земјоделство во последните години е позитивен пример за улогата на пазарот и приватната иницијатива. Стимулирано од зголемената побарувачка на органски производи и повисоката цена и премија на производите, органското фармерство е еден од најдинамичните сектори во ЕУ, со годишен пораст од 30 отсто во поново време. Зголемените разлики во корист на пазарната цена на органските производи придонесува и нивна висока рентабилност и создава стимулација за нивно ширење.
Развојот на оваа дејност, ориентирана кон пазарот и стимулирана од пазарот, (дејност во насока кон профит), дава можност објективно (преку пазарот и приватниот сектор) да се ориентира општественото барање на органски производи и нивната реална цена (степен на готовност на потрошувачите да платат за таа услуга на фармерите). Меѓутоа, тоа зависи од приоритетите, информираноста, доходот на крајните потрошувачи и може да привлече релативно мал дел од земјоделско производство. Најчесто иницира иницијативи во одделни сектори на производството (производи за директна консумација) и се ограничува на одреден тип фарми (мали и средно големи).
Чисто пазарните механизми не се покажале доволно привлечни за гранки и фарми, кои најмногу придонесуваат за негативните ефекти во земјоделството, како што се високоинтензивните земјоделски грани и крупните земјоделски претпријатија.
Освен тоа, постои голема диференција во степенот на ограниченост, во зависност од специфичните стандарди во различни гранки (производства) и одделни земји. Неопходна е општествена интервенција преку обучување, информирање, донесување соодветна регулатива, лиценцирање, контрола, како и дополнителна државна финансиска поддршка за покривање на трошоците, за премии и за одржување на органското производство.
Сведоци сме на развојот на разновидни доброволни иницијативи и приватно договарање (здруженија), за управување на животната средина (environmental management) и (eco) етикети и спецификации на производи. Овие форми се предизвикани од фармерите и други, кои им даваат предност на био/еко-производството и желба за примена на професионални стандарди (кодекси на однесување) или се одговор на општествен притисок за намалување на користењето пестициди, подобрување на благосостојбата на животните и друго.
Стандардот „Систем за управување со животната средина“ (ИСО 14000) на меѓународната организација за стандарди, исто така бара стандардите да бидат определени од самиот бизнис. Всушност, внатрешно определени, наложени стандарди за регулација се поефективни во однос на трошоците на тие што се наложени од државата. Кога земјоделецот и индустријата развиваат сопствени стандарди, тие имаат поголем стимул за наоѓање иновациски решенија и за придружување кон ограничувањата што сами ги прокламирале. Доброволните стандарди најчесто се ориентираат кон производствени процеси и не гарантираат краен резултат – заштита на животната средина и справување со отпадот.
Во последно време, широк замав земаат различни кооперативни форми во светот, (не и кај нас) за решавање на проблемите сврзани со заштитата на животната средина. Тие се пример за колективни иницијативи и дејности индуцирани од приватниот сектор, насочени кон добивка. Кооперативните форми бараат зголемени трошоци за развој и функционирање, а тешкотиите се со колективното управување. Особено значење има соодветната општествена поддршка, преку обучување на кооперативните администратори, развој на нормативните уредби, вклучување олеснувања и помагање на асоцијациите на фармерите.
Еден од факторите, кој обезбедува развој, е системот за праведна трговија. Овој систем ги промовира и ги гарантира стандардите за производство со етикета, праведна трговија со обезбедување праведна цена на производите од земјите во развој, доволни за покривање на трошоците за одржливо производство и дополнителна премија за инвестирање и социјално-економски развој. Системот функционира врз основа на праведно плаќање на ситните земјоделци и наемниот труд, а исто така и врз социјалниот развој (забрана за детски труд, подобрување на образованието и здравствена заштита на членовите на семејството) и заштита на животната средина. Оваа форма се развива од пазарната побарувачка и потребите во развиените земји и има голема распространетост.
ФЛО Интернешнл Лтд (FLO International Ltd) е одговорен за определување на стандардите за „праведна трговија“, сертификација и регистрација на учесниците (групи производители, извозници, преработувачи, трговци на големо и мало). Работи со мрежата на независни инспектори. Системот за „праведна трговија“ ги опфаќа пред сѐ основните земјоделски производи.
Општеството има голем број форми за општествена интервенција на пазарот и кај приватните трансакции на субјектите со: општествена регулатива, помагање, финансирање на државни организации, хибридни форми и друго. Некои од земјоделските производи имаат „нестоковен“ карактер и за тие „општествени“ и „полуопштествени“ производи не постои пазар или, пак, тој не функционира доволно ефикасно. Бидејќи сличните производи не се „трговски“, земјоделците не се стимулирани за нивното производство во одреден обем за да ја задоволат општествената побарувачка.
За ефективно исполнување на слични општествени функции на фармерите и производството на потребните количества од „позитивни странични ефекти“ од земјоделството, потребна е примена на други (непазарни) механизми за управување. Познато е дека одржливоста не може да биде ефективно достигната како дополнителен резултат од целосно дејствување (слободна пазарна конкуренција, приватни и колективни иницијативи). Тоа бара ефикасни управувачки и санкционирани механизми, кои вклучуваат и сериозно општествено „мешање“ во пазарните и во приватните трансакции.
Голем број општествени регулативи бараат и санкционираат стандарди за храна и социјална сигурност на трудот, квалитетот на производите, користењето на функционирање на стандардите за трудот (работна и пензиска старост, должина на работен ден, минимална плата итн.) задолжителни стандарди за квалитет на производот, забрана за користење определени хемикалии, ограничување или определување квоти за користење на природните ресурси и емисија на штетни супстанции, прскање со дождување на пасишта и др. Покрај тоа, има дополнителна регулатива за прихранување со нитрати и користење пестициди, за заштита на водите од загадување со нитрати за заштита на биолошката разновидност итн. Сите овие регулации целат да го променат однесувањето на земјоделците, да ги ограничат негативните странични ефекти и да обезбедат одржлив развој. Со ова се цели производителите да станат одговорни за еколошките ефекти на нивните производи и (или) за управување со користењето на производот (отпадоци од амбалажа, опаковка и сл.)
За даночно олеснување (укинување, намалување и сл.) се користат различни форми за создавање поволни услови за развој на одредени (субјекти) сектори и реони (гранични, планински, неразвиени) форми на организација (кооперативи, задруги, асоцијации) сегменти на населението (како млади фармери, малцински групи и др.) или специфичен вид дејности (инвестиции, обуки, иновации, отворање на работни места), подобрување на приспособувањето кон природата и друго. Даночните олеснувања даваат резултати ако се користат во комбинација со други инструменти на одржлив развој – општествени регулативи, помагање, финансирање и др.
Познато е дека во сите развиени земји се финансира аграрната програма за развој на земјоделството и селото. Целта е пропорционален развој на земјоделските стопанства и селските реони, што води до значително подобрување на благосостојбата на земјоделското население (поддржувајќи пораст на доходот со другите стопански сектори, кои се недостижни со чисто пазарни механизми).
Заедно со тоа беа применувани шеми за директна поддршка на цените, што доведува до голема деформација на националните и меѓународните пазари, заедно со прекумерната интензификација со негативни ефекти врз животната средина и биодиверзитетот. Како резултат на тоа, настанаа фундаментални промени на политиките и премин кон поддршка не на цените, туку на програми за поддршка на интегрални политики и програми за развој на земјоделството и селските реони (еколошки, регионални, социјални, економски и други видови поддршка), за диверзификација на селската економија, развој на инфраструктурата итн.
Државната финансиска поддршка (директни и индиректни плаќања, поволни кредитирања и др.) за еколошки активности, е најмасовно користен инструмент за стимулирање на конзервирањето и подобрувањето на животната средина во земјоделството. Тука спаѓаат повеќе видови поддржувани системи и агроеколошки шеми во кои земјоделците учествуваат, при што добиваат средства, затоа што применуваат еколошки производствени технологии или ја заштитуваат или подобруваат нарушената животна средина. Во секој случај, од изнесеното може да се заклучи дека Европската Унија и другите развиени земји применуваат голем број разни мерки и тоа пазарни, приватни, општествени, мешани и други форми, за земјоделска и селска издржливост. Различните форми за управување даваат различни резултати во однос на реализирање на различните аспекти на одржливоста.