Македонија и Романија да се поврзат со директен, чартер лет на релација Скопје – Букурешт или Крајова – Охрид, бараат тур-операторите од двете земји.
Сметаат дека тоа е клучниот чекор за зголемување на бројот туристи, од сегашните 1.500, на околу 30.000 – 40.000.
– Наша цел е романските туристи да ја посетуваат Македонија на ранг на полските и холандските, но за тоа е потребен системски приод и диреткна авио-линија – рече денеска претседателот на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) Аркан Керим по потпишувањето Меморандум за соработка со претседателот на Националниот патронат за туристички агенции во Романија Адриан Станчулеску.
Според Керим, Романија е сериозно заинтересирана да го развива туризмот со Македонија. Романските тур-оператори кои веќе ја имаат вклучено земјава во нивните продажни каталози, детектираат интерес кај Романците за неколкудневен зимски туризам за Македонија, но и за Балканот, како и за летен туризам во Охрид.
И на македонските туристи Романија им е интересна, додаде, но сė уште не е доволно популарна.
– Тешко е да се каже колку туристи доаѓаат во Скопје или Охрид, но наша обврска е да ги прикажеме и презентираме убавините на двете страни. Модерниот туризам значи регионализација, а не сведување на локално ниво – истакна Станчулеску.
Керим и Станчулеску го упатија барањето за воспоставување директна авио-линија меѓу Македонија и Романија директно до премиерите на двете земји кои, како што рекоа, задутре треба да имаат средба во Скопје