Мно­гу те­шко е да се ка­же ка­кви ште­ти ќе има и што ќе се пра­ви по­на­та­му / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Инволвираните во оваа дејност истакнуваат дека секторот се соочува со шок од досега невидени размери, кој ги нарушува сложените меѓусебни деловни врски помеѓу компаниите вклучени во создавањето на крајните продукти

Претставниците на туристичко-угостителскиот сектор истакнуваат дека голем дел од компаниите веќе размислуваат за целосно затворање, и покрај најавите дека наскоро би можело да биде дозволено отворањето на угостителските објекти. Инволвираните во оваа дејност истакнуваат дека поради целосно затворените објекти, без каква било можност за приливи во компаниите и без соодветна поддршка од државата, принудени се да се откажат од работењето. Тие истакнуваат дека неизвесноста сѐ уште е голема, дека не знаат кога фирмите ќе почнат да работат ниту кога ќе имаат приливи за да ги намират давачките и обврските кон вработените.

– Во услови кога ситуацијата за туризмот е многу болна и сложена, тешко е да замислиме дека една мерка може да ги компензира последиците од пандемијата на ковид-19, пред сѐ поради обемот на проблемите што произлегоа, а веќе се зголемуваат проблемите и навлегуваме во еден критичен период за кој ќе бидат неопходни сет од мерки за опстанок во време кога не сме во можност самостојно да ги обезбедиме потребните средства за расходите, кои произлегуваат бидејќи немаме економска активност од добро познати причини. Доколку најавениот сет економски мерки од страна на Владата ги обезбеди примањата на вработените и ликвидноста на компаниите и го сопре тонењето во долгови на туристичкиот сектор, тогаш идејата за спроведување кампања за поттикнување на внатрешниот туризам е еден добар чекор што треба да се поздрави.

Сепак, кампањата за поттикнување на внатрешниот туризам е само еден сегмент, кој самостојно нема многу да ја промени сликата доколку не бидат вклучени и други чекори, кои ќе опфатат решенија за различен профил на компании од туризмот што еднакво се засегнати, а тоа се туроператорите и туристички агенции, градските хотели, селски домаќинства приспособени за туризам, ресторани и други дејности што го потпомагаат туризмот – вели Асим Меџедовиќ, координатор на асоцијацијата на компании од угостителско-туристичкиот сектор.

Меџедовиќ истакнува дека туристичкиот сектор се соочува со шок од досега невидени размери, кој ги нарушува сложените меѓусебни деловни врски помеѓу компаниите вклучени во создавањето на туристичкиот продукт. Тој посочува дека поради ваквата состојба, туристичките комори и бизнис-асоцијации, до Владата и до другите ресорни институции, доставиле предлози за надминување на кризата предизвикана од пандемијата.
– Еден од нашите предлози беше да биде изработена, осмислена и реализирана кампања за поттикнување на домашниот туризам. Кампањата ќе биде добредојдена во напорите за опстанок на хотелиерите што се сконцентрирани во туристичките реони, но мора да се понудат и други решенија, кои ќе ги опфатат и компаниите од секторот како што се туроператорите и туристичките агенции, хотелите во Скопје и во внатрешноста на Македонија, рестораните и други компании вклучени во туристичкото производство. За постигнување на целта е потребно целосно прифаќање на доставените предлози – нагласува Меџедовиќ.

Потпретседателот на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори на Македонија, Мартин Ангеловски, истакнува дека угостителите трпат големи штети од пандемијата и тешко ја пребродуваат кризата од понудениот пакет економски мерки. Тој додава дека многу од компаниите нема да бидат во можност да започнат со работа по олабавувањето на мерките. Ангеловски посочи дека во согласност со анкетата што ја направиле меѓу членките во секторот, 59 отсто од компаниите рекле дека се подготвени за работа, додека 41 процент не се подготвени за делумно функционирање, во согласност со најавите за скратено работно време и ограничен простор за работа.

– Дополнително, 90 отсто од угостителите одговориле дека за нив не е прифатливо што обврската по однос на ДДВ не е одложена за период од 6 месеци, по завршување на кризата. Освен тоа, 93 проценти од угостителите не се задоволни што нема мерка за одложување на плаќањето на режиските трошоци, струја, вода, комуналии. Наедно, 70 отсто од угостителите одговориле дека очекуваат дополнителна финансиска поддршка од страна на Владата по започнувањето со работа – изјави Ангеловски и додаде дека како резултат на состојбата, 40 отсто од угостителите не би продолжиле со истата дејност.
Претставниците на коморите истакнуваат дека туристичко-угостителскиот сектор е спој на голем број компании, кои нудат услуги во различни области и дека една или две мерки не можат да ги покријат направените штети. Упатените нагласуваат дека загубите се огромни бидејќи покрај стопирањето на домашните активности, во кои влегуваат разни семинари, обуки и средби, целосно се стопирани и туристичките понуди, но и посетите со деловен карактер, а кои исто така влегуваат во туризам бидејќи се користат и хотели.

Инволвираните велат дека е многу тешко да се каже какви штети ќе има и што ќе се прави понатаму, бидејќи неизвесноста е многу голема, а се откажуваат семинари и настани закажани за септември. Тие истакнуваат дека со откажувањето на странските туристи, кои дел се во посета на земјава, а дел во рамките на балканските тури, драстично се намалува и девизниот прилив.
– Трендот беше позитивен и тоа ветуваше силен подем на туризмот во следните години. Тоа охрабри голем број хотелиери да подигнат кредити од комерцијалните банки и да инвестираат во реновирање и модернизација на хотелите, потоа да инвестираат во проширување на дејноста, обуки на кадар итн. што го прави ударот уште посилен и потежок за издржување. Во ваква ситуација, од клучно значење за опстанокот на секторот е интервенцијата на државата – нагласува Меџедовиќ.


Каде е спасот?

Во прво време важно е да спроведеме квалитетни краткорочни мерки што ќе обезбедат економски опстанок за компаниите и зачувување на нивните внатрешни структури и вработени, посочува Меџедовиќ.
– Мора да сме способни да го прифатиме аргументот дека туристичко-угостителскиот сектор има затворени врати и веќе два месеца нема приход што ќе ги покрие трошоците. Затоа се наметнува како приоритетна мерката за покривање на бруто-доходите на вработените.

Потоа, како што вели, потребно е да бидат зголемени износите на бескаматните кредити, но и да бидат олеснети условите за аплицирање за да се одржи ликвидноста на компаниите – вели, меѓу другото, Меџедовиќ.
Тој додава дека, ако се има предвид размерот на последиците со кои се соочува секторот, неопходни ќе бидат и долгорочни мерки за негова обнова како субвенционирани камати на кредитите од комерцијалните банки на долг рок, субвенционирање на придонесите за вработени во секторот, проширување на субвенциите за странски туристи, воведување субвенции за домашни туристи и други предлози, кои се доставени до Владата и до ресорните институции.

Според него, прифаќањето на предлозите на туристичките комори ќе значи и делотворност на досега преземените мерки од страна на Владата, но и опстанок на најголем дел од компаниите во туристичко-угостителскиот сектор.