Во последниот извештај на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во мај во однос на истиот месец во 2018 година е намален за 4, 8 отсто. Сепак, надлежните уверуваат дека и понатаму очекуваат позитивни резултати, истакнувајќи дека оваа година очекуваат 1,3 милион туристи со 1,5 милион ноќевања
Намалувањето на туристите во Македонија и регионот се должи на падот на туристите од Турција, кои поради евтини чартер-летови се пренасочуваат локално низ земјата или за Тунис, Египет, Мароко и други дестинации. Ова го посочи првиот човек на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, кој истакна дека со туроператорите веќе успеале некои од туристите од Турција да ги заменат со туристи од Полска.
Во последниот извештај на Државниот завод за статистика, за бројот на туристите во мај, кога и започнуваат повеќето од организираните тури, е забележано намалување во однос на истиот месец во 2018 година за 4, 8 отсто, додека, пак, кај бројот на ноќевањата има пад од 2,8 проценти.
– Дополнително поради падот на лирата, многу од туристите од Турција, се откажаа од летувањата не само кај нас туку и во регионот. Ако ги следевте случувањата сигурно забележавте дека пад на туристите се бележи и во Хрватска, Албанија и во Бугарија, и токму намалувањето на туристите од Турција е најголема причина. Од друга страна, кај нив се зголемија и чартер-летовите кон Тунис, Египет, Мароко и голем дел се пренасочи кон тој тип масовен туризам – објаснува Јаневски.
Извештајот на ДЗС покажува дека бројот на домашните туристи во мај 2019 година, во однос на мај 2018 година, е намален за 4,1 отсто, а бројот на странските туристи е намален за 5,2 проценти. И бројот на ноќевања на домашните туристи е намален за 11,7, а бројот на ноќевањата на странските туристи е зголемен за 2,1 отсто.
Сепак, директорот на агенцијата уверува дека и понатаму очекуваат позитивни резултати оваа година, истакнувајќи дека оваа година очекуваат вкупно 1,3 милион туристи со 1,5 милион ноќевања.
Од Министерството за економија, пак, истакнуваат дека со оглед на позитивните трендови претходните години, годинашната бројка на туристи е сосема очекувана.
– Имајќи предвид дека 2018 година беше една од најдобрите години, односно бројот на туристи достигна максимален раст од речиси 14 проценти, споредено со претходната 2017 година, бројот на туристите за месец мај е очекуван, со оглед на фактот што споредбата се однесува со истиот период од претходната година (период на голем раст) – појаснуваат од министерството.
Оттаму додаваат дека во согласност со направените анализи и информациите од теренот, од туроператорите и хотелиерите, во Македонија и во 2019 година бројот на туристите ќе бележи раст. Додаваат дека очекуваат уште една успешна туристичка сезона благодарение на големиот број однапред резервирани сместувачки капацитети.
– Продолживме со мерката за субвенционирање на странски организиран туристички промет, континуирано се врши субвенционирање летови на нискобуџетни авиокомпании, државата обезбедува учество на меѓународни саеми и континуираната кампања за промоција на Република Северна Македонија како атрактивна туристичка дестинација, а Министерството за економија и годинава продолжи со мерката за субвенции за поддршка на домашен туризам, преку издавање ваучери на работниците со ниски приходи. Ова се некои од мерките што Владата преку Министерството за економија и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ги спроведува за привлекување поголем број туристи – истакнуваат од министерството.
Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, исто така, истакна дека во текот на изминатата 2018 година во Македонија најголем раст имало на туристите што доаѓаат од Полска и тоа дури за 50 отсто.
– Очекуваме трендот на раст на полските туристи да продолжи и оваа година имајќи ги предвид резервациите направени кај туроператорите. Полските туристи во Македонија обично имаат околу 3,5 ноќевања, но се надеваме дека и во тој сегмент ќе има подобрување – додаде Јаневски.
Тој посочи и на други активности што ги презема агенцијата, нагласувајќи дека покрај субвенциите за странски туристи, голема придобивка, или голема бенефиција има и од маркетинг-промоциите, бидејќи веќе се забележуваат ефекти од рекламите низ соседна Србија и дека има туристи што отседнуваат или преспиваат во некои од попатните локации додека транзитираат низ земјава.