Фото: Илустрација/ Маја Јаневска-Илиева

Коронавирусот целосно го парализира работењето на угостителско-туристичкиот сектор и во Македонија, кој во изминативе години доживеа значителен подем

СВЕТСКАТА ЕКОНОМИЈА ВО ЛАВИРИНТОТ НА КОРОНАВИРУСОТ

Поради затворањето на границите и препораките за самоизолација, многу граѓани беа принудени да ги откажат своите патувања, а авиокомпаниите ги редуцираа летовите. Со ширењето на вирусот и прогласувањето пандемија од Светската здравствена организација, повеќе земји во светот воведоа забрани за влез во обид да го ограничат ширењето на вирусот. ЕУ им забрани пристап на туристи во период од 30 дена. Во САД е забрането патниците од европските аеродроми да влезат во земјата.
Македонија, каде што туристичката дејност во изминативе години доживеа значителен подем, не е исклучена од овие случувања.

Од Стопанската комора на Македонија истакнуваат дека коронавирусот целосно го парализира угостителско-туристичкиот сектор во државата.
– Не функционираат рестораните, затворени се хотелите, откажани се летовите. Следствено на тоа, туристичките агенции немаат работа. Нема ниту планирања за патувања за претстојниот период од неколку месеци. Според статистиката, во секторот се ангажирани околу 30.000 работници. Проблемот во секторот угостителство и туризам има краткорочни и долгорочни негативни ефекти. На краток рок, важно е да се обезбеди поддршка за задржување на работниците на своите работни места, поради фактот што исклучително тешко може да се најде и да се задржи работната сила во хотелите, рестораните, туристичките агенции.

На долг рок, за да опстои туризмот, од исклучително значење е да се подготват акциски планови за обнова на секторот, што ќе значи враќање на атрактивноста на дестинацијата како туристичка понуда и обезбедување организирани туристички патувања. Само на ваков начин ќе може да се очекува раздвижување на секторот, подигнување на работата во хотелите, туристичките агенции, рестораните – истакнуваат од СКМ.
Оттаму додаваат дека и понатаму останува ризикот наметнат од неизвесноста од временското траење на кризата, што може да предизвика и пропаѓање на дел од бизнисите, што, пак, ќе повлече и отпуштање од работа и евидентирање нови невработени лица.

– Во таа насока се и барањата на бизнис-секторот да се превенира и да се обезбеди поддршка преку минимална плата, придонеси, кредитирање, одложување на плаќањето парафискални давачки и слично. Следејќи ги случувањата, сите аранжмани заклучно со мај се откажани. За летната сезона, во зависност од проекциите на самите туристички агенции, но и дестинациите за кои ги планирале, аранжманите сѐ уште стојат како отворени. Но и агенциите и граѓаните што сакаат да патуваат континуирано ги следат случувањата кај нас, во регионот и глобално и носат одлуки во согласност со тоа. Сѐ уште е многу рано да се говори дали и кои аранжмани туристичките агенции ќе може да ги реализираат и колку ќе има заинтересираност од страна на патниците – објаснуваат од Комората.

Во согласност со уредбата што ја донесе Владата, се обезбедуваат ваучери за сите граѓани што имаат уплатено за патувања во следниот период, вклучувајќи и за летово, така што со ваучерите имаат право да бараат да им се надоместат средствата за друго патување до крајот на 31.12.2021 година.