Вакцините против ковид-19 сега даваат надеж за враќање на секојдневниот живот во нормала, а со тоа и на патувањата, но извесно е дека ќе бидат потребни длабоки анализи на креаторите на политиките во туристичката дејност за да се остварат тие цели во годината што почна, со оглед на дополнителните предизвици наметнати од актуелната динамика на вакцинацијата против ковид-19
Меѓу многубројните новогодишни желби во светот, при врвот на секоја листа на крајот од минатата година беа и оние за патувања до егзотични дестинации, за релаксирачки одмор по годината исполнета со тешкотии и стрес. Тоа особено откако најголемиот дел планови за годишни одмори беа откажани по избивањето на пандемијата на коронавирусот, што го доведе глобалниот туризам во застој, во одреден миг речиси комплетно оневоможувајќи ги патувањата. Вакцините против ковид-19 сега даваат надеж за враќање на секојдневниот живот во нормала, а со тоа и на патувањата, но извесно е дека ќе бидат потребни длабоки анализи на креаторите на политиките во туристичката дејност за да се остварат тие цели во годината што почна, со оглед на дополнителните предизвици наметнати од актуелната динамика на вакцинацијата против ковид-19.
Според Дончо Нацев, директор на една од туристичките агенции во земјава, во Македонија веќе има резервација на аранжмани, но од средината на 2021 година, а туризмот се соочува со голема пауза од која ќе има последици.
– Според онлајн саемот за туризам што се одржа во Лондон, ќе застанеме на нозе и дури во 2022 година ќе дојдеме до обртот што го имавме во 2019 година. Но можеби ќе произлезат и дополнителни компликации предизвикани и од новата варијанта на ковид-19 што се појави во Велика Британија.
Ние направивме голема грешка уште од почетокот на пандемијата, бидејќи не им понудивме никакви гаранции на туристите. Туризмот во голем број земји, меѓу кои Турција, Албанија и Египет, не опадна, туку за време на пандемијата бележи раст. Мислам дека преку маркетинг треба да се даде повеќе акцент на тоа дека сме сигурна и безбедна земја и на тој начин ќе се овозможи психолошко олеснување на туристите – вели Нацев, кој смета дека министерствата за здравство и туризам треба да им дадат гаранција на потенцијалните посетители на Македонија дека лекувањето ќе им биде покриено доколку се заразат со коронавирус за време на нивниот престој во земјава, додека другите мерки би вклучувале бесплатно тестирање на границите или при слетување и полетување на аеродромите, за да се избегне карантинот.
Главно прашање за следната сезона е дали вакцинацијата против ковид-19 ќе биде задолжителна при патувањата, но упатените велат дека Македонија би можела да извлече лекции и од искуствата на државите со развиен туризам.
– Следната сезона главното прашање ќе биде дали е потребна задолжителна вакцинација за да се патува. Со патувањата без рестрикции полека но сигурно ќе се вратиме кон старата нормала. Пандемијата може сосема да го замре туризмот. Ние сме мал пазар и ова може да си го дозволиме само една ваква сезона. Сѐ друго би било преживување. Египет бележи голема заработка иако беше сведен на домашен туризам по летната сезона. Како друг пример во однос на туристичкиот профит претставува Турција, која летоска направи рекорд во посетеност и покрај светската криза, нудејќи евтини чартери и аранжмани со кои ги надомести штетите од времето на карантините – објаснува Андреј Минчевски, лиценциран туристички водич.
Додека светот полека почна да ги ублажува мерките, се појави и зголемен интерес за руралниот туризам. Податоците покажаа дека 90 отсто од пребарувањата преку туристичките агенции се однесуваат за изнајмување на сместување во природа и за посета на рурални области. Туристичките работници во Македонија веќе размислуваат и за виртуелниот пристап што беше прифатен во светски рамки за време на пандемијата.
– Некои од агенциите се обидоа да им ги понудат македонските дестинации на домашните туристи, но обемот на работа беше многу мал и поради тоа некои од патувањата не се ни остварија. Доколку не се подобри ситуацијата, размислував да се обидам со виртуелни тури, но, сепак, за нив треба опрема, подготовка на материјали и, секако, голема промоција – посочува лиценцираната туристичка водичка Лиде Стојановска, која поради настанатата ситуација размислила за поинаков пристап кон туристичките тури, односно да работи од дома.