Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во насока на пронаоѓање, препознавање и практикување на потребните политики за рапидно зголемување на бруто-домашниот производ, неопходно е активно и синхронизирано вклучување на јавноста со надлежните државни институции, на академската јавност и МАНУ со бизнис-заедницата и стопанските комори, на истражувачките институти со Народната банка на Р Македонија, за да дадат свој придонес и да се вградат во ефикасна програма за реализација на структурните промени во економијата

АНАЛИЗА: КАКО ДО ПОВИСОК РАСТ НА ЕКОНОМИЈАТА (3)

Во последните неколку години Македонија воведе неколку економски реформи поврзани со економските прашања, но, сепак, не се овозможи подобрување што би се отсликало на клучните економски индикатори, како што е економскиот раст. Во таквиот контекст, треба да се побараат нови, поинакви политики, односно да се направат радикални промени на економските политики што осетно ќе се одразат на економијата и ќе придонесат за силно динамизиран долгорочен пораст на БДП. Но затоа, редно е да се направи пресврт со долгорочна стратегија за економски развој, каде што би се приклучиле сите институции, министерства, Народната банка и бизнис-секторот, па и меѓународната заедница, да дадат свои идеи, а бенефиција од сето ова би имале сите – државата, стопанството и, се разбира, граѓаните.

Низ серијалот текстови на „Нова Македонија“, насловен „Како до повисок раст на економијата“, кој го објавуваме деновиве, беа лоцирани проблематичните сегменти на домашната економија, а со денешната тема посочуваме неколку сегменти од економијата на кои, според нашите соговорници, во следниов период треба да се сконцентрираат сите релевантни споменати институции за побрз и поголем економски раст и развој. И сето тоа преку посочување конкретни мерки и примери од теоретски, но и практичен аспект. Според Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Македонија, неопходни се економски политики што ќе го поттикнат процесот на модерна реиндустријализација, како на пример со зголемување на учеството на преработувачката индустрија во БДП, и ќе го забрзаат процесот на извозна диверзификација преку зголемување на бројот на извозни производи што имаат повисок степен на финализација во рамките на глобалните синџири на снабдување.
– Сето ова значи дека структурните промени во самата економија, процесите на реиндустријализација и извозна диверзификација се фундаментални процеси, кои ќе генерираат високи и одржливи стапки на економски раст, каде што брзината и успешноста во спроведувањето на овие процеси во голема мера се детерминирани од индустриската и извозна структура на земјава – истакна Азески.

Како што додава тој, планот за економски раст преточен во неколку мерки до Владата ги содржи насоките и барањата на деловната заедница за кои Стопанската комора на Македонија континуирано имаше свои предлози и укажувања до креаторите на економската политика.

– Клучната поента е дека планот за економски раст дефиниран преку три столба има за цел остварување поголем економски раст преку поддршка на компании што се во добра кондиција и истовремено може да испорачаат уште поголеми позитивни резултати – нови вработувања, нови инвестиции, зголемување на извозот, основни претпоставки за поголем економски раст. Затоа, клучен предизвик е да се запрат негативните трендови со рефокусирање на социјалната енергија, од услужни главно за домашниот пазар, кон вистински производствени инвестиции во функција на раст на конкурентноста, на производството и на извозот – вели Азески.

Универзитетскиот професор Марјан Петрески нагласува дека на долг рок е битно да се работи на зголемување на потенцијалот на економијата, односно да може економските политики рапидно да ја поместат Македонија со стапка на раст што е долгорочна.
– Првиот фактор што сметам дека ќе го помести долгорочниот раст на економијата е производствената база во економијата – истакна Петрески.

Професорот притоа ги има предвид првенствено домашните, но, секако, и странските производствени капацитети, со кои полека почна да има нагорен тренд и структурно поместување.

Професорот споменува дека тој концепт никако не треба да се напушти, а имено за зголемување на производствената база, зајакнување на нејзината технолошка основа и поврзување со домашната производствена база што можеби не е доволно силна сама да се вклучи на меѓународните пазари и во глобалните синџири на снабдување.

– Вториот фактор е човечкиот капитал, каде што ние значајно потфрламе. Ќе може да имаме поголем раст на долг рок ако сите ние како работници сме попродуктивни, за што клуч се образованието и здравствените политики. На глобално ниво, главната дебата е дека клучни се вештините, а не самите дипломи или степени на образование. Третиот фактор се институциите, нивната кредибилност и владеењето на правото – смета Петрески.

Како што нагласува тој, зајакнувањето на институциите е важно за да осигури праведен и еднаков амбиент за работа и стопанисување на сите.
– Ако ги поставиме овие темели на економијата, ќе може на среден до долг рок да зборуваме за зголемен потенцијален економски производ, односно да го зголемиме оној долгорочен раст на 5 отсто, па и повеќе, на многу долги патеки. Тоа е неопходно за да се почувствува значајно придвижување во животниот стандард на населението – посочува Петрески.

Планот за економски раст дефиниран преку три столба има за цел остварување поголем економски раст преку поддршка на компании што се во добра кондиција
и истовремено може да испорачаат уште поголеми позитивни резултати – нови вработувања, нови инвестиции, зголемување на извозот – основни претпоставки за поголем економски раст, смета бизнис-заедницата

Стопанската комора на Македонија, заедно со професорот Дарко Лазов од Економскиот факултет во Штип, изработиле анализа на изворите на растот на економијата, при што било утврдено дека дури 87 проценти од стапката на раст на македонската економија од 2001 до 2017 година е базирана на квантитативниот пораст на факторите на производството, односно на трудот и капиталот, од кои 45 отсто од растот се резултат на зголемување на стапката на вработеност, додека пак 42 проценти од растот се резултат на зголемување на капиталните фондови или инвестиции во основни средства.

Од друга страна, како што се наведува во истражувањето, само 13 проценти од растот се резултат на вкупната факторска продуктивност како индикатор што ги мери квалитативните промени на факторите на производство, односно продуктивноста на трудот – човечкиот капитал и продуктивноста на капиталот – технолошкиот прогрес.
– Причините зошто зголемувањето на капиталните фондови и новите вработувања не придонесуваат во зголемување на продуктивноста на капиталот и на трудот треба да се бараат во неповолната структура на инвестициите и ниското ниво на квалификации на нововработените. Од вкупните инвестиции во периодот од 2001 до 2017 година, само 25 отсто се инвестиции во машини и опрема, незначителни вложувања во истражување и развој и дури 61,5 процент во градежни работи, односно во станбена изградба и друго. Таквата структура на инвестиции не може да го поттикне технолошкиот прогрес како базичен извор за долгорочен економски раст – вели Лазов.

Анализата утврдила дека во изминативе 16 години најмногу нови работни места биле креирани во земјоделскиот сектор, и тоа над 15 проценти, потоа во јавниот сектор, како администрација, образование, здравство… со околу 18 отсто, па градежништвото со 12 проценти и услужниот сектор со 60 отсто од вкупниот број нови работни места. Од друга страна, се утврдило дека во преработувачката индустрија не биле креирани многу нови работни позиции.

– Направивме и процена на придонесот на одделните сектори во растот на економијата, при што резултатите покажуваат дека најголем придонес во растот на економијата има услужниот сектор со над 65 проценти, додека земјоделскиот сектор со 4,76 отсто и целата индустрија со 30 проценти. Дополнително се забележува дека градежништвото има поголем придонес во растот на економијата со 15,92 отсто, отколку преработувачката индустрија со 13 проценти. Од друга страна, и покрај тоа што рударството и енергетскиот сектор учествуваат во БДП со 4 проценти, нивниот релативен придонес во стапката на економски раст е помал од 1 отсто. Тоа покажува дека овие сектори немаат значителен пораст на економската активност во анализираниот период – кажа Лазов, додавајќи дека значителен придонес во економскиот раст има дејноста информации и комуникации, дејности што се карактеризираат со висока продуктивност и високи просечни плати. Наедно тој истакна дека еден дел од овие дејности, компјутерското програмирање и информатичките услуги имаат голем извозен потенцијал за во иднина. Тој истакна дека овие дејности во услужниот сектор треба да се развиваат во иднина заедно со индустриските гранки во рамките на преработувачката индустрија, бидејќи имаат потенцијал да креираат поголема додадена вредност.


Светска банка: Македонија има потенцијал за забрзан економски раст

Македонија има потенцијал да стане земја со високи приходи, за што е потребен одржлив економски раст, како и да го искористи историскиот момент за решавање на спорот за името и забрзување на евроатлантската интеграција. Ова беше посочено на вчерашната презентација на анализата на Светска банка, „Постигнување посветла иднина за сите“, во која се разгледува напредокот на Република Македонија во текот на 27 години по осамостојувањето.
Според Светска банка, Македонија има голем потенцијал за забрзување на економскиот раст, за намалување на сиромаштијата и за подобрување на животниот стандард на своите граѓани, особено за луѓето во најдолниот дел на распределбата на приходите, но за тоа треба да ги искористи своите конкурентски предности, вклучувајќи ги и стратегиската локација и отвореноста за трговија и инвестиции, истовремено надминувајќи низа горливи предизвици и внимателно управување со ризиците.
Претставникот на Светска банка во Македонија, Марко Мантованели, истакна дека Македонија се наоѓа во историски период, треба да надмине некои од политиките со кои беше опфатена неодамна и да ја искористи ваквата можност.
Во анализата се идентификувани три патеки што меѓусебно се дополнуваат за земјата да ги искористи новите можности за надминување на предизвиците. Првата е да поттикне подинамичен и поконкурентен приватен сектор, втората е вложување во луѓето за да се изгради конкурентна и приспособлива работна сила и третата се однесува на остварување економска социјална одржливост, како и одржливост на животната средина преку делотворно управување, фискална прудентност, како и подобрено управување со животната средина во насока на зголемена отпорност на природни несреќи и климатски промени.

Фото: Дарко Андоновски

Економска рубрика на „Нова Македонија“

(продолжува)