Трансакциите со криптосредства може да обезбедат брза заработка, но и значајна загуба за инвеститорите. Затоа, тие што планираат да инвестираат во вакви средства со голема променливост на нивната цена треба да бидат внимателни и добро информирани за потенцијалните ефекти од нивните одлуки, препорачуваат од Народната банка
Тргувањето со криптовалутите станува сѐ почесто споменувано во медиумите, a овој вид вложување сѐ повеќе го привлекува вниманието на граѓаните, поради можноста за брза заработка. Сепак, како што предупредуваат упатените, тие мора да бидат свесни дека истото тоа го прават на сопствен ризик, бидејќи во земјава овој сегмент сѐ уште не е регулиран со закон, па, во случај на измама, нема начин да се обештетат инвестициите. Нашите закони ниту овозможуваат, ниту пак забрануваат купување и продавање криптовалути, поради што граѓаните имаат можности сами да одлучуваат дали ќе инвестираат.
– Народната банка во однос на прашањата поврзани со криптосредствата и нивниот третман, активно ги следи согледувањата на регулаторните тела на Европската Унија. Во документите издадени од регулаторните финансиски тела на ЕУ (ЕБА, ЕСМА) преовладува иста дефиниција, и тоа дека криптосредство претставува средство што главно зависи од криптографијата и технологијата на дистрибуирани записи и синџири на блокови, како дел од неговата осознаена и вградена вредност, не е издадено или гарантирано од централната банка и може да се користи како средство за размена, инвестициски цели и/или за пристап до средства и сервиси. Криптосредствата во ретки случаи може да имаат третман како финансиски инструменти и/или електронски пари. Во најголемиот број случаи тие не се опфатени со законите во финансиската област. Во отсуство на регулација не се применуваат вообичаените заштитни механизми што важат со регулативите во финансиската сфера и затоа потрошувачите се изложени на поголем ризик. Тековната законска рамка (Законот за платниот промет, Законот за банки, Законот за девизното работење, Законот за паричната единица на Република Македонија, како и Законот за употребата на паричната единица на Република Македонија) не познава термин криптосредство или дигитално добро, што е случај и во поголемиот број земји во светот – посочуваат од Народната банка.
Нема механизам за обесштетување
Од Народната банка на Македонија истакнуваат дека генералните ставови за криптосредствата се усогласени со ставовите на европските финансиски регулатори. Оттаму истакнуваат дека криптосредствата немаат статус на депозити, при што не постои механизам во кој клиентите ќе бидат обесштетени преку Фондот за осигурување на депозити, како што е случај со средствата вложени во банка што има дозвола за основање и работење.
– Во согласност со Законот за платен промет, сите плаќања се вршат во денари преку трансакциска сметка на учесник во платниот промет во земјата. Во ретки случаи, криптосредствата може да имаат третман на електронски пари, под услов да бидат исполнети повеќе критериуми, вклучувајќи и да се издадени од овластен издавач на електронски пари. Доколку во заднина, криптосредството има инвестициска природа, односно е предмет на тргување на регулирани платформи во земјата и во странство и преку овластени учесници, тоа средство може да има улога на финансиски инструмент (обврзница, капитал, дериватив) – објаснуваат од НБ.
Воспоставување правната рамка за тргувањето и пуштање во промет на дигитални валути во Македонија, подразбира инволвираност на сите надлежни институции во земјава.
Во Србија подготвуваат закон
Во меѓувреме во соседна Србија се најавува нов закон со кој ќе се регулира оваа сфера. Деновиве српските медиуми посочија дека предлог-законот, кој се однесува на дигиталната сопственост и кој ќе го регулира сообраќајот на криптовалути и блокчејн, како и на дигиталната сопственост во целина, се наоѓа пред својата финална верзија.
– Оние што работат во областа ќе мора да ги почитуваат правилата за спречување перење пари и забраната за финансирање тероризам, а ќе се воспостави и систем за борба против измами. Исто така, ќе се воведат лиценци, кои ќе ги издава Народната банка на Србија и/или Комисијата за хартии од вредност – објаснува Душан Ромчевиќ, инспектор во Комисијата за хартии од вредност.
Од Народната банка на Србија, која исто така учествува во креирањето на Законот за дигитална сопственост, најавуваат дека ќе постојат посебни услови за фирмите и физичките лица што сакаат да работат во оваа област.
– Ќе бидат утврдени капиталните барања, барањата за сопственост и адекватност, потоа организациските, кадровските и техничките услови за лицата што обезбедуваат услуги поврзани со виртуелни валути, како и надзорот над сите аспекти на нивната деловност, водејќи сметка за стабилноста на финансискиот систем и другите специфичности што се однесуваат на бизнисот во Србија – велат од НБС.
Речиси половина од годишните трансакции со биткоин во Европа поврзани со илегални активности?!
Според пишувањата во соседна Србија, со регулирање на дигиталните валути, им се овозможува на граѓаните легално и преку лиценцирани платформи да вложуваат во разни форми на дигитална сопственост. Се посочува дека посебен акцент ќе биде ставен на издавањето и користењето дигитални токени, со што ќе се овозможи нов метод за финансирање на бизнисот, пред сѐ кај малите и средните претпријатија. Српските медиуми посочуваат дека важноста на оваа проблематика најдобро се проценува низ истражувањето спроведено од Европскиот парламент, каде што се истакнува дека на почетокот од годинава, вредноста на криптосопственоста изнесувала повеќе од 250 милијарди долари. Истражувањето исто така покажало дека речиси половина од годишните трансакции со биткоин може да бидат поврзани со илегални активности, поради што гувернерот на Народната банка на Англија апелираше за создавање нов платежен систем.
– Дигиталните валути, токените, криптовалутите и блокчејнот не се нужно поврзани поими. Сиве овие нови зборови и начинот на кој функционира целокупната индустрија ги збунуваат луѓето. Токму ова претставува плодно поле за појава на измамници што бркаат лесна заработка – објаснува Марија Блешиќ од најголемата српска заедница за криптовалути „Белгрејд криптокомјунити“.
„Ослободувањето“ од банките носи одговорност за располагање на средствата
Таа вели дека сѐ почнува со реклами, со кои на граѓаните им се објаснува како да ги вложат своите пари во одредена криптовалута и на тој начин да дојдат до брза заработка.
– Една од основните идеи зад концептот на криптовалути е ослободување од посредници како банките и самостојно располагање со сопствените пари. Но самостојноста со себе носи и одговорност. За да знае што е тоа што го купува и со што тргува, поединецот прво мора малку да истражува: за каква валута се работи, за што служи, врз кој принцип работи, како изгледа на платформата ГитХуб, што пишува за неа во т.н. „белиот документ“… Следното нешто што може да го направи поединецот е да го најде проектот како тема во групите на Редит, Дискорд или Телеграм и да се распраша за него. Истражувањето и комуникацијата со заедницата се навистина клучни пред купувањето на каква било криптовалута – додава Блешиќ.
Таа исто така истакнува дека има ситуации кога одредени тимови создаваат, објавуваат и продаваат свои криптовалути, а потоа исчезнуваат заедно со парите, оставајќи ги инвеститорите со празни раце. Ваквите „проекти“, според неа, се лесно препознатливи, бидејќи немаат блокчејн, активни програмери, ГитХуб ниту документација, а единствено имаат моќен маркетинг. Блешиќ посочува дека со досегашните закони во Србија криптовалутите се регулирани само преку одредбите за спречување перење пари и забраната за финансирање тероризам, со што не се елиминира можноста за измами, а се отежнува развојот на дигиталната индустрија.
Криптоберза во соседство
Дека интересот за криптовалутите секојдневно расте, потврдува и самиот факт што сѐ повеќе и сѐ почесто се пишува за дигиталните валути, но и за отворањето на криптоберзи. Според написите на медиумите од соседството, криптоберза од 14 септември функционира во Босна и Херцеговина и, како што посочуваат основачите, се создава сопствен пазар за дигитални добра во БиХ и во регионот.
– Криптоберзата претставува едно повисоко ниво на криптопазар во Босна и Херцеговина и во регионот. Со оваа создадовме технички предуслови за развој на сопствен пазар за дигитални недвижности во Босна и Херцеговина и во регионот, каде што не би зависеле од странските берзи – истакнал Борис Мајсторовиќ, коосновач и директор на криптоберзата во БиХ.
Тој истакнал дека за крајните корисници предноста е во пониските трошоци во користење на криптоберзата за купување и продавање дигиталните средства.
Инаку, претставниците на НБРСМ посочуваат дека многу мал број земји, како што се Малта, Филипини, Бермуди, Гибралтар и Обединетите Арапски Емирати имаат посебен закон за криптосредства. Наедно посочуваат дека во Јапонија нема забрана за тргување со криптосредства, но е оформена посебна асоцијација за саморегулација на криптосредствата (Japan Virtual Currency Exchange Association JVCEA). Таа одлучува дали одредено криптосредство може да се тргува. Додека, во Абу Даби финансискиот регулатор врши анализа на криптосредствата пред да биде дозволено нивно тргување на лиценцираните платформи во земјата.
– Трансакциите со криптосредства може да обезбедат брза заработка, но и значајна загуба за инвеститорите. Инвеститорите што планираат да инвестираат во вакви средства со голема променливост на нивната цена да бидат внимателни и добро информирани за потенцијалните ефекти од нивните одлуки и да имаат формирано јасни очекувања за приносите со оглед на степенот на ризичност. Непосредната, но и посредната сопственост на овие средства ги изложува инвеститорите на значаен инвестициски ризик, имајќи ја предвид нивната висока ценовна нестабилност. Купопродажбата на криптосредства има ризици, кои најчесто се поврзани со безбедноста на чувањето на криптосредствата (т.н. дигитален паричник). Постојат случаи кога трансакциите со криптосредствата се поврзани и со ризици од перење пари и финансирање тероризам, за што одредени платформи може да бидат привремено или целосно блокирани и дигиталните паричници на клиентите да бидат замрзнати – објаснуваат од НБ на Македонија. П.О. – В. Б.