Владата нa денешната седница донесе Одлука за замрзнување на цените на лимон, портокал, мандарина, грејпфрут и клементини откако трговците деновиве ја зголемија продажната цена на јужното овошје, каде што цената на лимонот драстично се зголеми и достигна 180 денари по килограм, соопштија од Министерството за економија.
Според Одлуката за посебни услови за трговија се определува највисока трговска маржа на овие производи која се применувала во периодот од 1 јануари до 11 март годинава кога од страна на Светската здравствена организација (СЗО) беше прогласена пандемија на коронавирусот.
Оваа маржа ќе важи до 30 април 2020 година.
– Според податоците добиени од Царинската управа за период од 11 до 19 март годинава увозната цена на портокалите се движи од 15 денари за килограм до 29,7 денари за килограм. Најизразена е маржата кај лимоните со оглед на тоа што увозната цена се движи од 32,3 денари по килограм до 45 денари по килограм. На 19 март годинава увозната цена на лимонот била 35 денари по килограм, а малопродажната цена достгна и до 180 денари по килограм – се наведува во соопштеието на ресорното министерство.
Оваа одлука е со цел да се надмине злоупотребата на моменталната состојба на пазарот и да се заштитат потрошувачите во услови на зголемена побарувачка на овие производи односно цената да се врати на нормално ниво.
Казните за оние кои ќе ги прекршат Одлуките на Владата се движат до 5.000 евра, па и казна затвор согласно членовите 205 и 206 од Кривичниот законик.
Одлуката ќе стапи на сила откако ќе биде објавена во Службен весник.