Само пет отсто од македонските компании извезуваат. Притоа доминираат големите претпријатија. Кај малите и средните оваа бројка е уште помала, а мал е и нивниот удел
Малите и средните претпријатија (МСП) сѐ уште многу малку учествуваат во извозната структура на земјава. Соработката со странство главно ја реализираат во ИТ-секторот, но не и во сегментите што подразбираат увоз на суровина и репроматеријали, за потоа да се пресмета некаква додадена вредност.
– Само пет отсто од македонските компании извезуваат. Притоа доминираат големите претпријатија. Кај малите и средните оваа бројка е уште помала, а мал е и нивниот удел – кажа професорот Виктор Стојмановски на прес-конференција во Стопанската комора.
Стојмановски, кој е и координатор на Европската мрежа на мали и средни претпријатија (ЕЕН) за земјава, истакна дека сите, околу 3.000 домашни МСП ги добиваат услугите на оваа мрежа. Нивната цел е преку промоција надвор од земјава да се најдат бизнис-партнери во други држави.
– Досега преку ЕЕН, која функционира 11 години во 60 земји, се склучени 7.000 деловни партнерства. Благодарение на ЕЕН, 44 проценти од фирмите го зголемиле својот обрт, 40 отсто почнале нов бизнис, а речиси 50 проценти развиле нов производ, услуга или имплементирале новина во работењето. Дури тројца од четворица клиенти успеале да излезат на нови пазари, а секој четврти дошол до нов бизнис-соработник – истакна професорот.
ЕЕН овозможила и 2.400 компании да аплицираат за средства од европските фондови.
– Соработката на МСП и ЕЕН треба да се интензивира за уште поголеми придобивки, не само на претпријатијата, туку и генерално, на домашната економија. Треба да се зајакне соработката и да се зголеми размената на искуства на партнерите во конзорциумот за да се подобрат услугите што ги нуди оваа мрежа преку институциите (коморите, универзитетите, кластерите, истражувачките центри итн.) за поддршка на малите и средните претпријатија во развојот на иновативни идеи, трансфер на технологија, како и пронаоѓање нови пазари и деловни партнери за соработка – истакна професор Стојмановски.
Мрежните услуги на ЕЕН вклучуваат деловна соработка за прекугранично вмрежување, учество на меѓународни деловни состаноци, помош со трансфер на технологија, заштита на интелектуална сопственост, развој на истражувачки проекти, помош со регулативите на ЕУ, како и обезбедување информации за употреба на фондовите на ЕУ.
Според Државниот завод за статистика, вкупниот обем на стоковната размена со странство, за периодот јануари – јули 2019 година изнесува 8,55 милијарди евра и е со пораст од 13,1 отсто во однос на истиот период лани. Е.Р.