За повисок раст на економијата треба фокусот да биде насочен кон преработувачката индустрија, која подолг период се соочува со релативно ниско ниво на продуктивност и извоз, кои, меѓу другото, се должат на неповолната структура и на бавните интра и интерсекторски структурни промени
Постојано се зборува за тоа дека на Македонија ѝ е потребен повисок економски раст за да може успешно да се приближи и кон нивоата на Европската Унија со што и интегрирањето во неа би било полесно и долгорочно одржливо. Но прашањето на забрзан економски раст не е прашање на избор, туку прашање на опстанок за македонската економија. Темелите на економскиот раст и развој, според експертите, се во извозот на македонските компании, а особено на преработувачката индустрија, која може да има најголемо влијание врз економскиот раст и врз вработувањето. Токму поради големото значење на преработувачката индустрија секоја развиена земја обезбедува посебен фокус на нејзиниот развој преку различни политики, мерки и форми за зголемувањето на конкурентноста на компаниите од овој сектор.
Според претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, иако станува збор за исклучително комплексно прашање, тој смета дека е потребно јасно да се детерминираат најмалку три елементи за раст на економијата.
– Прво, треба јасно да се дефинира основниот фундамент на кој ќе се потпираат политиките за повисок економски раст, а тоа е премисата дека политиките треба да се фокусираат на зголемување на мотивацијата кај економските субјекти. Македонската економија не би смеела да расте со пониска стапка на раст од регионот во кој дејствува. Во таа насока комората ќе ги насочи своите активности кон идентификување на развојните потенцијали и можности за извозна диверзификација, структурна трансформација и модерна индустријализација на македонската економија – истакна Азески.
Тој додава дека во фокусот ќе биде преработувачката индустрија, која подолг период се соочува со релативно ниско ниво на продуктивност и извоз, кои, меѓу другото, се должат на неповолната структура и на бавните интра и интерсекторски структурни промени.
– Истовремено, многу е мал бројот на стабилни извозни компании, а во регионот на Централна и Источна Европа македонската економија има и најниска извозна диференцираност, по Црна Гора и Албанија – објасни Азески.
Како што вели тој, пред надлежните државни власти ќе понудат предлог-политики и мерки, конципирани во неколку клучни столба, кои треба да придонесат за значително забрзување на динамиката на економскиот раст преку зголемување на учеството на индустријата од сегашните 12 отсто на повеќе од 16 отсто преку преструктурирање на индустриски сектори, потсектори и производи со помала додадена вредност кон индустриски гранки со поголема продуктивност, зголемување на учеството на извозот од сегашните 55 отсто на повеќе од 70 отсто преку зголемување на бројот на извозни производи со поголем степен на финализација и додадена вредност и намалување на увозната компонента на извоз.
– Врз основа на истражувањето, кое ќе биде спроведено во првата половина на 2019 година, комората ќе ги насочи своите активности кон поддршка на извозните активности на компаниите и поттикнување на процесот на модерната реиндустријализација – појаснува Азески.
Претседателот на Организацијата на работодавци, Ангел Димитров, вели дека секоја земја економските стратегии мора најнапред да ги гради врз сопствените потенцијали, да најде начин како да го зголеми сопственото производство и да го направи конкурентно на светскиот пазар, за да обезбеди одржливост. Тој смета дека се потребни заштита на трговската марка и заштита на потеклото на производот за да можат да опстанат некои стратегиски производи, и дека би требало со економската политика на земјата да се води посебна сметка.
– Оваа политика би подразбирала разни субвенции за настап на странските пазари, промоција и финансиска помош во случај на поголеми нарушувања на пазарот. Мерките би се разликувале во зависност од видот на производот и неговите карактеристики што го прават стратегиски – објаснува Димитров.
Тој додава дека Македонија досега нема утврдено стратегиски дејности и смета дека сите дејности треба да добијат еднакви можности, а пазарот ќе каже кои дејности ќе се развиваат, а кои ќе пропаднат.
– Сите оние дејности што имаат големо учество во создавање на нашиот БДП, во нашиот извоз и во вработувањето треба да се третираат како стратегиски – истакна Димитров.
Според него, сето ова ќе има економска бенефиција, затоа што уништувањето на една индустриска гранка не може прекуноќ да се замени со нова. Гранките што имаат големо учество во извозот и вработувањето треба да се потпомагаат и во случај кога полека ја губат трката со конкуренцијата однадвор, додека нивното место не го заземат нови индустрии, кои ќе обезбедат раст и развој. Државната интервенција е потребна баш поради овие турбуленции на пазарите за да го одржи нивото на раст на економијата, т.е. да го ублажи евентуалниот пад на економијата.
– Точно е дека малите економии се принудени многу да увезуваат. Македонската економија е многу мала и нормално е огромен број од производите да се увезуваат. Поради економијата на обем, ние не можеме да бидеме конкурентни со големите светски производители за огромен број производи. Затоа е потребно да произведуваме производи и да даваме услуги во оние области каде што имаме предност и да ги користиме домашните капацитети, а со тоа ќе создадеме и поголем раст и развој на економијата – нагласува Димитров.