Вкупните приходи во државната каса во 2019 година се проектирани на 210,8 милијарди денари, а вкупните расходи на 228,5 милијарди денари, истакна министерот за финансии Драган Тевдовски на денешната јавна презентација на предлог-буџетот за следната година пред коморите, синдикатите, невладиниот сектор и медиумите.
Буџетот за 2019 година е проектиран на раст од 3,2% на БДП. Притоа, Министерството за финансии оди со проекции кои се во линија со есенските проекции на релевантните меѓународни институции, рече министерот за финансии. Се очекува економскиот раст да биде придвижен од солидната лична потрошувачка, континуирано високиот извоз и растот на инвестициите.
Стапката на инфлација треба да биде ниска и стабилна во 2019, и е проектирана на 2%. Во 2019 година се очекува раст на номиналната нето-плата за 4,5%, а стапката на невработеност да се намали на околу 20%.
Со Буџетот за 2019 година се намалува буџетскиот дефицит, односно јазот помеѓу буџетските приходи и расходи. Буџетскиот дефицит за следната година е проектиран на 2,5% од БДП или 0,2 процентни поени или половина милијарда денари помалку во однос на годинава.
Со постепено намалување на буџетскиот дефицит, се води дисциплинирана буџетска политика, што пак ќе придонесе за стабилизација на државниот и јавниот долг на среден рок, истакна Тевдовски.
– Клучна појдовна точка за Буџетот за 2019 година е продолжувањето на дисциплинираната фискална политика. Правецот во кој одиме е умерена фискална консолидација или намалување на буџетскиот дефицит на 2,5% од проектираниот БДП за 2019 од 2,7% во 2018. Кај буџетскиот дефицит има намалување и во номиналниот износ во однос на 2018 година, односно половина милијарда денари помалку. Ова е во согласност со Фискалната стратегија, како и препораките на сите меѓународни организации. Умереното намалување на дефицитот влијае директно на помали потреби за задолжување, а со тоа и среднорочно стабилизирање на државниот и јавниот долг, рече Тевдовски.