Откако штедачите на ТАТ пред неколку години го изгубија судскиот процес против Република Македонија во судот за човекови права во Стразбур, тие пред една година одлучија повторно да ја тужат државата во македонските судови
Штедачите на ТАТ ги издаде трпението. По цели 22 години од аферата ТАТ и пропаѓањето на штедилницата тие деновиве донесоа одлука да се откажат од тужбата против државата, во која бараа враќање на нивните изгубени пари.
Ова го потврдија луѓето што се на чело на ТАТ и кои го претставуваат Здружението на необесштетени штедачи.
Причината за откажување од тужбата против државата не е затоа што татовци се откажуваат од изгубените пари, туку поради високите судски такси што треба да ги платат во судската постапка против државата. Откако штедачите на ТАТ пред неколку години го изгубија судскиот процес против Република Македонија во судот за човекови права во Стразбур, тие пред една година одлучија повторно да ја тужат државaта во македонските судови. Тужбата против државата ја поднесоа околу 80 штедачи на ТАТ, кои за поднесената тужба платиле судски такси од 120.000 денари.
Но пред да почне судскиот процес, од страна на судските органи татовци биле известени од судот дека не можат во таква тужба да бидат застапени 80 штедачи и дека нивниот број треба да се сведе на поголем број групи штедачи од по најмногу 5 штедачи и сите да поднесат посебни судски постапки. Со оглед на тоа што судските трошоци за новите тужби биле доста високи, и за секое рочиште во Скопје биле потребни многу средства, татовци одлучија да се откажат од тужбата и ја повлекоа.
– Точно е дека деновиве одлучивме да се откажеме од тужбата, која ја имавме поднесено против државата, но тоа не значи дека се откажуваме од штедните влогови. Поради високите судски трошоци за плаќање судски такси и рочишта, а бидејќи веќе немаме пари на сметката и штедачите не сакаат повеќе да даваат доброволни прилози за покривање на судските трошоци, ние донесовме одлука да се откажеме од тужбата – кажа еден од членовите на Здружението на необесштетени штедачи на ТАТ.
За одлуката не бил известен претседателот на Здружението на необесштетени штедачи, Пеце Гугучевски, кој за тоа дознал додека бил на одмор.
– Деновиве ќе свикам состанок и ќе видиме дали ваквата одлука е добра или не. Но без разлика дали тужбата е повлечена или не, ние нема да се откажеме од парите што ни беа украдени. Цели 22 години упорно бараме и чекаме да нѐ обесштетат и тоа ќе го правиме и во наредниот период, додека не си замине од овој свет и последниот штедач – вели Пеце Гугучевски.
Тој истакнува дека без решавање на аферата ТАТ и обесштетување на штедачите, Македонија не може да се декларира како правна држава во која владеат правото и правдата и не може да смета на никакви евроинтеграции.
– Изминаа цели 22 години од банкротирањето на штедилницата, во државата се сменија неколку влади на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, но сѐ уште не е утврдено кој им ги украде парите на штедачите. Нам со предвремено прекинување на важноста на Законот за обесштетување со сертификати ни беше скратена можноста да ги замениме на берзата сертификатите и затоа баравме и бараме државата да ја продолжи важноста на тој закон, со кој штедачите имаа можност конвертибилните сертификати да ги продадат на македонската берза – истакна Гугучевски.
Оштетените граѓани на нивно барање оствариле средба во Владата со еден од советниците на премиерот Зоран Заев, при што имале подолг разговор за нивниот проблем. Иако не добиле ветување дека проблемот ќе биде решен, сепак советникот изјавил дека со нивните барања ќе го запознае премиерот и дека ќе ги известат штедачите за неговата одлука.
За потсетување, по повеќе од три години штедачите на ТАТ неодамна добија ново обесштетување. Стечајниот управител на ТАТ, Коле Волчевски, на татовци им подели по 0,30 проценти од главницата. За таа цел од сметката на ТАТ беa издвоени околу 5.200.000 денари, или нешто повеќе од 85 илјади евра.
Со последното обесштетување беа опфатени 5.900 штедачи, при што некои од нив добија само по еден денар, а имаше штедачи што добија обесштетување и од 50.000 денари.
Интересно е што и покрај тоа што од банкротирањето на ТАТ изминаа цели 22 години, период во кој голем дел од штедачите починаа, сепак бројот на необесштетени штедачи на ТАТ и натаму е мошне голем. За тоа најдобро зборува податокот што дури 5.900 штедачи бараат пари за обесштетување. Тоа се должи пред сѐ на тоа што по смртта на дел до штедачите, нивните побарувања по поднесувањето на судските маси ги наследија нивните најблиски.