Граѓаните сѐ повеќе се свесни дека електронскиот отпад е опасен за здравјето и дека истиот тој во согласност со законските прописи не смее да се меша со комуналниот отпад, односно не смее да се фрла во контејнерите и дека низ државата веќе е воспоставен систем за собирање на овој вид отпад
Наместо граѓаните нефункционалниот електронски отпад да го чуваат дома или да го продаваат на „старо купувам“ треба да им го предадат на фирми што вршат откуп. Многу од граѓаните сѐ уште не се запознаени со процесот и со можноста старата електронска опрема да се предаде во некоја од продавниците што продава ваква опрема или, пак, да им биде подигната од нивниот дом. Сепак, упатените укажуваат дека се зголемува свеста и сѐ повеќе се користат придобивките од овој процес на собирање на електронскиот отпад. Со оглед на брзиот технолошки развој, особено во сферата на електронската индустрија, јасно е дека се создаваат големи количества отпад. Граѓаните сѐ повеќе се свесни дека овој тип отпад е опасен за здравјето и дека истиот тој во согласност со законските прописи не смее да се меша со комуналниот отпад, односно не смее да се фрла во контејнерите. За собирање на овој тип отпад, низ државата веќе е воспоставен систем за собирање електронски отпад.
– Покрај користењето на нашата инфраструктура сѐ уште има граѓани што се јавуваат и бараат да им ја преземеме отпадната опрема од нивните домови. Но тоа се поретки случаи и главно станува збор за повозрасна популација граѓани што не можат сами да го симнат уредот од нивните домови. Општинските собирни места на кои граѓаните може да го остават својот е-отпад може да ги видат на http://www.elkolekt.mk/mk/municipal_collection_points.html. Предавањето на отпадот во нашите собирни места е бесплатно – велат од компанијата „Елколект“, чија функција е менаџирање на системот за собирање електронски отпад, поточно го презема исполнувањето на обврските на компаниите-членки, кои на пазарот во Македонија пуштаат електрична и електронска опрема.
Вработените во „Елколект“ истакнуваат дека на самиот почеток од нивното функционирање било многу потешко да се собира електронскиот отпад, но дека во изминативе години значително е подобрена свесноста на граѓаните за правилно депонирање на овој отпад.
– Од влегување во сила на Законот за електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема во 2015 година па досега евидентна е промената на свеста на граѓаните. Ако во 2015 година успевавме да собереме е-отпад од граѓаните само во рамките на наградните игри што ги организиравме, сега во 2018 година може да се пофалиме дека количествата отпад што ги собираме од нашата инфраструктура се поголеми од количествата отпад што ги собираме во рамките на наградните игри што ги организираме во општините. Тоа покажува дека граѓаните сѐ почесто ја користат нашата инфраструктура што е во нивната општина наместо да им ја дадат на неформалните собирачи – објаснува Фана Христовска управителка на „Елколект“.
Христовска наедно појасни дека стара електронска опрема собираат и од компаниите без надомест и притоа ја обезбедуваат потребната документација за преземањето.
– За да се ослободат од нивната стара и дотраена опрема компаниите само треба да нѐ побараат на нашиот контакт-телефон или е-пошта и да ни достават спецификација на опремата од која сакаат да се ослободат. „Елколект“ ќе организира лиценцирана компанија да им го преземе отпадот и да го пренесе во лиценциран склад, кој ќе постапи со него во согласност со законот, а компанијата ќе добие соодветен документ, кој е потребен за сметководствено отпишување на опремата. За оваа услуга, „Елколект“ не им наплаќа на компаниите – посочија оттаму.
Компанијата во согласност со Законот за електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема е должна да воспостави систем за одделно собирање е-отпад, односно да постави соодветни контејнери и друга опрема во продажните салони на членките, општините, училиштата како и во други објекти каде што постои интерес за селекција на овој вид отпад. Тие исто така вршат и преземање на е-отпадот, го складираат во лиценцирани складови со кои имаат склучено договор за соработка.
Граѓаните исто така можат да го предадат својот електронски отпад и во некој од салоните на некоја од продавниците за електронски производи, кои за возврат даваат и вредносни ваучери. Доколку не се во можност сами да го пренесат нефункционалниот предмет, граѓаните може да побараат тој да биде преземен од нивниот дом.
– Во соработка со „Нула отпад“ во сите наши продажни објекти бесплатно преземаме стари електрични апарати. Ги преземаме и од пред домовите на физичките лица – сопственици на габаритна отпадна електрична и електронска опрема. Сопственикот на отпадот се стекнува со вредносен ваучер за купување нов апарат. Право на учество има секое физичко лице сопственик на отпадна електрична и на електронска опрема од домаќинствата, која е поделена на габаритна и на негабаритна. Во зависност од типот на отпадот е и висината на вредносниот ваучер – објаснуваат вработените во една од продавниците.