Туроператорите побараа измени на законот и промена на моделот на субвенционирање на вчерашната средба со претставници на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во Охрид.
Директорот на Агенцијата, Љупчо Јаневски, пред домашните туроператори ги презентира начините за поднесување барање за субвенции и нагласи дека има доволен буџет за исплата на сите апликации. Минатата година за таа намена биле потрошени 77 милиони денари.
– Во 2018 година најавив дека во координација со сите субјекти во туризмот треба да создадеме нов систем за субвенционирање, кој ќе помогне и дополнително ќе го зајакне македонскиот туристички сектор. Мои предлози се измени во исплатата според категоризацијата на сместувањето, преку зголемување на просечниот престој во земјата, зависно дали туристи се носат во или надвор од сезона. Се надевам дека во таа насока ќе бидат и елементите кога се во прашање изедначувањата на одредени пазари – рече тој.
Инаку, Јаневски ја искористи можноста да посочи дека спроведената ревизија во работата на агенцијата и активностите овозможиле зголемено субвенционирање во 2018 година, кога се исплатени 33 отсто повеќе средства од 2017 година.
Туроператорите велат дека субвенциите придонесуваат за покачување на туристичкиот промет, но посочија на технички проблеми.
– Субвенциите се исплаќаат редовно, но има одредени законски толкувања што пречат, оттаму се наметнува потреба од измени во легислативата и начинот на определување на субвенционирањето – изјави Асим Челик од туристичка агенција „Охрид холидејс“, која е македонскиот партнер на ТУИ.
Според досегашната практика, за секој турист од странство донесен со авионски превоз преку туроператорите државата преку субвенции плаќа по 65 евра. Проблем или нелогичност во субвенциите, според туроператорите, е што субвенцијата за гости што престојуваат во хотел од висока категорија не е висока, но за приватно сместување може да се каже дека е висока, бидејќи цената за сместување е пониска од самата субвенција.
Податоците на „Евростат“ покажуваат дека Македонија минатата година има највисоко ниво на раст на вкупниот број ноќевања на европско ниво и тоа за 22,1 отсто, како и дека првпат по девет години се зголемил просечниот престој на туристите во земјата. Ова, според Јаневски, се рефлектира и со раст на девизниот прилив за 16,7 отсто во споредба со 2017 година.