Многу работодавци признаваат дека главен проблем не им беше зголемувањето на минималната плата, туку притисокот за зголемување што тоа го направи кај другите плати, особено оние во опсегот до 18.000 денари, со цел овие работници да не бидат демотивирани кога помалку продуктивните работници им се приближуваат со платата
Работодавците што ќе им дадат покачувања на вработените со минималецот од 12.000 денари ќе добијат државни субвенции за зголемувањето на платите. Поточно, работодавците ќе добијат државна помош во износ од по 30 отсто за покачувања на платите, кои сега се движат од 12.000 до 18.000 денари. Тоа го предвидува новиот закон за минимална плата што од Владата е доставен до Собранието за донесување по скратена постапка.
– Доколку еден работник има минимална плата од 12.000 денари, а работодавецот му ја покачи за 3.000 денари, работникот на крајот ќе има плата од 15.000 денари. Од износот од 3.000 денари, државата субвенционира 30 отсто – истакна Миле Бошњаковски, портпарол на Владата.
Според институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, со оглед дека мерката не наметнува законско нормирање на тој пораст, таа има потенцијал за пазарно водено подобрување на животниот стандард на работниците што примаат плати до 18.000 денари.
– Истовремено, мерката е одговор на барањето на работодавците за адресирање на проблемот на т.н. уравниловка, што тие како проблем го истакнaa, а тоа е потребата да растат преостанатите плати блиски со минималната плата, за да не ги изгубат или демотивираат попродуктивните работници – велат од „Фајненс тинк“.
Оттаму додаваат дека сепак 70 отсто од порастот на платата треба да го создаде работодавецот.
– Значи, тој пораст мора да произлезе од порастот на фирмата, односно од поголема продажба, и не може да се наложува со закон. Затоа, на долг рок, поефектни би биле мерките што поддржуваат инвестиции, надградба на технологијата и производство со поголема додадена вредност – сметаат од „Фајненс тинк“.
Како што вели Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, добредојдено е ако го зголемат просекот за две, три или за пет илјади денари, и тие 30 отсто што Владата ќе ги доплаќа може да бидат поддршка. Но тој поставува прашање што би било со тие компании кога ќе ја нема оваа субвенција на минималната плата, дали ќе може да продолжат со исплаќање, бидејќи само така можат да ги задржат работниците.
Универзитетскиот професор Марјан Петрески вели дека мерката за зголемување на платите ја гледа во позитивно светло, бидејќи дава поддршка за пораст на платата, кој би бил пазарно детерминиран.
– Ако работникот е попродуктивен, а работодавецот има поголемо производство и сака добрите работници да ги награди со зголемување на платата, државата му помага во тој процес. Генерално, секоја мерка што има пазарни елементи, треба да биде поддржана, наспроти мерките што се од нормативен карактер и за кои треба двапати да се размисли, бидејќи може да предизвикаат негативни ефекти – појаснува Петрески.
Според него, мерката се однесува на фирми што работат со загуба или што имаат профит до 10 отсто од расходите. Но, истовремено, тоа се и фирмите што се со послаб потенцијал да ги зголемат платите.
– Иако мерката треба да им помогне во зајакнување на тој потенцијал, сепак 70 отсто од порастот треба да го обезбеди работодавецот. Затоа, околу интересот на фирмите треба да почекаме и да го согледаме на терен – напоменува Петрески.
Тој забележува дека мерката делумно треба да се гледа и како одговор на барањето на работодавците за проблемот на т.н. уравниловка.
– Многу работодавци признаваат дека главен проблем не им беше зголемувањето на минималната плата, туку притисокот за зголемување што тоа го направи кај другите плати, особено оние во опсегот до 18.000 денари, со цел овие работници да не бидат демотивирани кога помалку продуктивните работници им се приближуваат со платата поради измените во Законот за минималната плата. Така што оваа мерка, барем делумно, ја адресира уравниловката и е во насока на поддршка на тој процес – потенцира Петрески.