Фото: Игор Бансколиев

Македонските доставувачи треба да ги зголемат своите маркетинг-активности, да тропнат на вратата на секој странски инвеститор и да кажат што имаат да понудат, истакна вчера претседателот на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, Штефан Петер. Тој нагласи и дека секој странски инвеститор во Македонија има интерес да соработува со локалните доставувачи зашто тоа му е поевтино, побрзо и поефикасно.

– Во оваа смисла има многу предности што треба да се зграбат, но, секако, само ако се нуди квалитет. А квалитетот никогаш не е добар или лош, туку е она што го бара клиентот – објасни Петер.

Негова оцена е дека годинава соработката на странските компании со македонските е подобрена, но се очекува да биде уште поголема во 2019 година.

На новинарско прашање, дали и како брегзит ќе влијае врз македонските компании, претседателот на советот нагласи дека сѐ уште не може прецизно да каже.

– Со брегзит практично не сме почнале. Можеме теоретски да зборуваме какви ќе бидат импликациите, но главните последици во практика ќе ги видиме во месеците што доаѓаат. Не можам прецизно да кажам што македонските компании ќе добијат или ќе изгубат зашто во секој предизвик има и шанса – истакна Петер.

Во врска со даноците, Петер е дециден дека земјата мора да се насочува кон предвидливоста и фер оданочувањето.

– Не мислам дека бизнис-околината е детерминирана директно само од даночните прашања, ниту сметам дека даночните промени ги погодуваат исклучиво компаниите од ТИР-зоните. Даноците се нешто што никој од бизнисите не го сака, а многу ретко ќе најдете и луѓе, граѓани, кои ги сакаат даноците. Но, според мене, тоа е единствен начин како може да функционира еден систем – вели Петер.

Тој најави дека на 12 декември ќе биде промовирано изданието на „Белата книга 2018“ на членките на Советот на странски инвеститори, како и дека во првата половина на наредната година ќе продолжи практиката талентирани ученици од средните училишта да се среќаваат еден ден со успешни бизнис-менаџери. Генерална оцена за економската состојба во 2018 година и за очекувањата за наредната година, Петер ќе даде, како што рече, на 12 декември, кога ќе се промовира книгата. Компаниите, пак, во зоните до крајот на месецов ќе излезат со конкретно дефинирани клучни приоритети и барања.


Виктор Мизо на чело на Асоцијација на странски компании со технолошки напредно производство

Претседателот на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија, Штефан Петер, на прес-конференцијата соопшти и дека во рамките на Советот на странски инвеститори е формирана Асоцијација на странски компании со технолошки напредно производство, а за нејзин претседател е назначен актуелниот директор на „Костал“ и поранешен директор на Дирекцијата за технолошки развојни зони Виктор Мизо.