Освен на критиките за бизнис-климата и за честото менување на законите во земјава, познавачите укажуваат и на кризата предизвикана од пандемијата поради што многу од економските активности се стопирани или парализирани, така што очекуваат странските инвестиции и понатаму да се намалуваат
Странски компании што веќе инвестирале во земјава, своите реинвестиции, наместо во Македонија, ги реализираат во соседството, пред сѐ во Србија, објави претседателот на Асоцијацијата на странски компани со технолошко напредно производство, Виктор Мизо. Оваа објава дојде откога во изминатиот период странските инвеститори постојано се жалеа на бизнис-климата и на честото менување на законите во земјава.
– На пример, имавме две инвестиции на „Адиент“ во нашата држава, таа отиде во Србија, „Кромберт и Шуберт“ отиде во Србија, „Аптив“ отиде во Србија и тоа е еден многу лош сигнал кога ќе видите дека компании што се тука лоцирани, нивните реинвестирања, нивните нови проекти не ги прават тука, во нашата држава, туку ги прават во соседството, а ние не успеавме да ги задржиме – истакна Мизо.
Тој додава дека многу е важна институционалната грижа за постојните инвеститори, бидејќи тоа значи дополнителни инвестиции и реинвестирање.
Според Миле Бошков, претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, кризата предизвикана од ковид-19 и политичките случувања не им даваат голема сигурност на инвеститорите што очекувале правна држава и правна сигурност.
– Бизнисот, како и берзите, се базира врз добри информации и сигурна економска почва. Странските инвеститори сакаат стабилност и сигурност при инвестирање во нашата земја и секогаш бараат поволна дестинација за да инвестираат – споменува Бошков.
Бојан Србиноски од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ нагласува дека странските инвестиции играат значајна улога во подигнување на економскиот раст.
– Странските инвестиции имаат позитивен импакт врз вработеноста, секторската и извозната диверзификација, воведувањето напредна технологија, зголемувањето на конкурентноста и креирањето човечки капитал.
Во однос на влијанието на кризата со ковид-19 и политичката нестабилност врз приливот на странски инвестиции, тој вели дека двата фактора се релевантни.
– Учеството на странските инвестиции во БДП во 2017 година изнесуваше 1,8 отсто кога економијата се соочуваше со голема политичка нестабилност, значајно под просекот од последните пет години (од 3,4 отсто). Министерството за финансии предвидува дека тој процент оваа година ќе изнесува 1,7 отсто. Исто така, Светска банка предвидува дека странските директни инвестиции глобално ќе се намалат за околу 40 отсто, што се должи на пандемијата. Очигледно дека двата фактора имаат удел во намалувањето на странските инвестиции во нашата држава. Според анкетата на Светска банка, политичката нестабилност е значајна пречка и за домашните компании – нагласува Србиноски.
Познавачите на состојбите укажуваат дека е сосема очекувано во година кога многу од економските активности се стопирани или парализирани, како годинава, да се намалат и инвестициите. Тие објаснуваат дека на капиталот му е потребна сигурност за да се множи, поради што сметаат дека странските инвестиции ќе бидат намалени и во текот на следната година.