Речиси 100 дена забранети се јавните собирања, настаните, концертите, семинарите и конгресите. Сто дена забрана и неможност за работа на компаниите од оваа индустрија. И додека во околните земји мерките целосно се релаксираат а настаните се одвиваат без ограничувања, кај нас буквално никој и не размислува за оваа стопанска гранка.
Асоцијата на Ивент индустријата ИВАП апелира и бара да се слушне нивниот глас и веднаш да се овозможи отпочнување на разговори за релаксација на овој сектор.
– Нашите бизниси се пред колапс. Мерките кои ги понуди Владата се недоволни и несоодветни за нашиот сектор бидејќи намалувањето на прометот кај нас е 100 отсто – велат од ИВАП.
Од Асоцијацијата ИВАП велат дека оствариле средба со Министерката за финансии на која ги разгледале можностите за рестартирање и помош за секторот, но сѐ уште немаат никакви конкретни резултати од таа средба.
– Уште на почетокот на кризата предупредивме дека сме првите кои нѐ затворија, на крајот на февруари и дека ќе бидеме последни што ќе нѐ пуштат. Сега гледаме дека за жал сме биле во право. Иако станува збор за сектор забава, нашите компании се сериозни и зад нас стојат најголемите и најзначајни оранизирани настани во Македонија. Нам и најдолго време ќе ни треба за да отпочнеме со работа, бидејќи подготовката на еден настан не се случува преку коќ.
Велат дека како искусни професионалци уште пред 20 дена изготвиле и доставиле детален протокол за одржување на настани, но дека и за ова немаат никаква комуникација со надлежните. За разлика од кај нас, настаните во регионот непречено се одвиваат а СЗО на 29.05. публикуваше документ во кој препорачува одржување на настани на отворено.
– Масовните собири не се само рекреативни настани, тие имаат важно влијание врз психолошката благосостојба на голем број на лица, можат да играат важна улога во промовирањето на здрави навики и да обезбедат вработување за голем број луѓе. Бидејќи масовните собири имаат значителни политички, културни, социјални и економски импликации, властите треба да ја проценат важноста и потребата од одржување на настани и да ја разгледаат опцијата за нивно одржување, под услов сите ризици за јавно здравје да бидат соодветно адресирани и ублажени – препорачуваат од СЗО.
Тие велат дека доколку не им биде понудена соодветна поддршка и не бидат прифатени нивните барања, ќе бидат приморани да ги отпуштат вработените и да ги затворат компаниите. Освен редовно вработените, засегнати се и голем број на други сектори, индустрии и физички лица од различни профили – актери, музичари, водители, фотографи, сликари, дизајнери, костимографи, сценографи, светло мајстори, како и кастинг агенции, печатници, кетеринг служби, агенции за обезбедување, програмери, техничари, енергетичари, превозници, бравари, столари, и многу други.
Асоцијацијата на Ивент Индустријата ИВАП ја сочинуваат фирми кои се занимаваат со организација на настани од секаков вид, компании за изнајмување на техника, видео и аудио продукции и техничка поддршка на настаните.