Зголемениот обем на издавање станбени кредити, потпомогнат од намалените каматни стапки и поволностите што ги нудат деловните банки, заедно со побарувачката, придонесува и за таканаречена хиперпродукција на станбен простор
Растот на цените на градежните материјали, недостигот од квалификувани работници, но и зголемениот интерес за купување станови во Скопје поради нерамномерниот регионален развој, надвор од сите пазарни логики, резултираа и со хиперпродукција на станбен простор и со раст на цените на становите. Побарувачката по станови го крена и процентот на станбените кредити, поради што, според податоците на Народната банка, во мај годинава банките во станбени кредити имаат пласирано над 995 милиони евра. На месечно ниво, сумата се зголемила за над осум милиони евра или за 0,8 отсто. Во април станбените кредити изнесуваа 987 милиони евра. Во месеците претходно сумите се уште помали, што значи дека банките од месец на месец ја зголемуваат сумата одобрена по основа на станбени кредити. На годишно ниво тие пораснале за 4 отсто, додека за едно тримесечје за 3 отсто.
Како што вели Игор Панчевски, генерален менаџер на една од агенциите за недвижности, нивните анализи на состојбата на пазарот на недвижности, во споредба со периодот пред пандемијата, покажале оти цените на станбениот простор се повисоки во просек за 10 отсто.
– Постојат повеќе причини за растот на цените, а како најбитни, секако, се соодносот помеѓу понудата и побарувачката, трошоците за изградба, кои во голема мера се повисоки споредбено од пред пандемијата и особено во текот на оваа година, потоа недостигот од квалификувана работна сила и цената и нејзината достапност, како и намалениот обем на атрактивни локации за изградба – објаснува Панчевски.
Тој смета дека цените на недвижностите речиси го достигнаа својот максимум во согласност со условите на пазарот на недвижности кај нас, особено во првиот и вториот квартал од тековната година.
– По ова, очекуваме да се намали темпото на нивниот понатамошен раст, но исто така секако мора да оставиме и простор за минимални осцилации до крајот на годината, кои ќе зависат од повеќе фактори, пред сѐ од цената на чинење и од достапноста на материјалите за градба – посочува Панчевски.
Според него, побарувачката на станови е на навистина високо ниво и моменталната понуда не ги задоволува во целост потребите на пазарот на недвижности.
– Зголемениот обем на издавање станбени кредити, потпомогнати од намалените каматни стапки и поволностите што ги нудат деловните банки, заедно со побарувачката придонесува и за таканаречена хиперпродукција на станбен простор, бидејќи се гради буквално на секое ќоше – нагласува Панчевски.
Градежникот Никола Велковски вели дека и поскапувањето на цената на металот на светските берзи придонесе за повисоки цени на станови во земјава.
– Речиси сите материјали што се користат при градба се делумно поскапени, некои повеќе некои помалку, дополнително поскапена е и цената на трудот, и сето тоа зачинето со здравствените и економските последици од пандемијата годинава донесе поскапи градежни услуги – истакнува Велковски.