Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ѝ додели на Македонија 133 милиони нови специјални права на влечење (СПВ) или околу 161 милион евра и тие ќе бидат вклучени во официјалните девизни резерви, информираа од Народната банка.
Овој износ, како што додаваат од НБ, е доделен во рамките на новата општа распределба на СПВ на ММФ и соодветствува со квота што Македонија ја има во ММФ.
– Ова е најголемата распределба на СПВ во историјата, или двојно повисока од сите досегашни распределби заедно. Придобивките за земјите се повеќекратни: со нив се обезбедува брзо достапна и безусловна девизна ликвидност, со која се зголемуваат девизните резерви, односно се зголемува девизниот потенцијал на економијата, што го јакне потенцијалот на економиите за справување со кризата – велат од НБ.
Оттаму објаснуваат дека овој пат целта на општата распределба на СПВ е со нив да се обезбеди непречен пристап до девизна ликвидност за земјите во време на најголемата здравствена и економска криза со која се соочува светот во изминатите децении.
СПВ се резервни средства креирани од ММФ што земјите-членки можат да ги чуваат како дел од своите официјални резерви или, пак, да ги искористат за плаќање долгови и камати, за идно зголемување на квотата во ММФ или за други буџетски потреби. Е.Р.