Иако кај нас доминираат хотели со четири ѕвезди, сепак, тоа не значи дека услугата не е задоволувачка. Напротив, помалку хотели се со пет ѕвезди, но важно е што во многу од нив се вложува, се обновуваат и не се остава да застарат објектите, вели првиот човек на ХОТАМ
Само со реален приказ на состојбите и на услугите што ги добиваат туристите може да очекуваме поголем прилив на туристи во домашните сместувачки капацитети. За да се постигне ова, упатените посочуваат дека е неопходно категоризацијата на истите тие да биде реално извршена, но и државата да ги следи хотелиерите така што ќе инвестира во инфраструктурата и ќе создава можности за развој на туристичките центри.
– Категоризацијата се спроведува со години, но за последниве петнаесетина години може да кажеме дека со промените што се направија идеме на подобро. Со новата категоризација, хотелите во Македонија имаат категорија што е соодветна на она што го поседуваат и што им го нудат на гостите. Иако сега се бараат многу нови работи, но и самите хотели вложуваат многу, се обновуваат, се инвестира во нови мерки за атрактивност. Кај нас, сметам дека категоризацијата е соодветна, можеби некаде има мали отстапки, но тоа се исклучоци – вели Крсте Блажевски, претседател на Асоцијацијата на хотели, ресторани, кафетерии и автокампови на Македонија – ХОТАМ.
Блажевски истакна дека во хотелските објекти со средствата за реинвестирање се обновени многу работи и голем дел од хотелите се опремени по најнови текови.
– Иако кај нас доминираат хотели со 4 ѕвезди, сепак, тоа не значи дека услугата не е задоволувачка. Напротив, помалку хотели се со пет ѕвезди, но важно е што во многу од нив се вложува, се обновуваат, не се остава да застарат објектите. Факт е дека е многу важно туристите што доаѓаат да бидат реално запознаени во каков објект ќе бидат сместени и затоа е важно и категоризацијата да одговара на состојбата во објектот – додава претседателот на ХОТАМ.
Тој посочи дека благодарение на туроператорите во последните 7-8 години се зголемува и бројот на ноќевањата на туристите. Сепак, посочува дека не е најбитно да имаат сите хотели многу ѕвезди, туку посетителите да знаат точно во каков објект ќе престојуваат, односно да се информирани што ги очекува.
– Во последниве години во Македонија имаме значително подобри сместувачки капацитети од пред 10-15 години. Но покрај обновата на хотелите, неопходно е и државата да инвестира, да гради и да ја обновува инфраструктурата. Мора да се подобруваат и придружните елементи, не само сместувачките капацитети, а кај нас не е многу инвестирано во туристичките центри во последниве години. Од друга страна, и изградбата на нови хотели се одвива отежнато, за нив се потребни многу документи, па многумина од инвеститорите се откажуваат. А имаме и ситуации кога нема интерес од инвеститори за нови инвестиции, а и тоа е потребно.
За оние што се обновени, направен е максимумот, но потребна е изградба на нови капацитети, бидејќи едно е обнова и модернизација, друго е изградба на нови објекти – заклучува Блажевски.
Од Министерството за економија посочуваат дека во согласност со податоците со кои тие располагаат, сите угостителските објекти за сместување (хотели) се категоризирани, односно сите правни субјекти што имаат поднесено барање за категоризација до Министерство за економија се категоризирани и имаат решение за категоризација.
– Со Законот за угостителската дејност се предвидени одредби со кои угостителските објекти за сместување пред започнување со вршење на дејноста задолжително се категоризираат според условите и стандардите пропишани за одделни видови на овие објекти во поглед на уредувањето, опремувањето и квалитетот на услугите со ѕвездички. Хотелите со самата категоризација добиваат решение со важност од три години, што значи пред истекот на важноста на решението имаат обврска да поднесат барање за категоризација до Министерството за економија – додаваат оттаму.
Од министерството појаснуваат дека исто така со Законот се предвидени казнени одредби, како парични казни и привремена забрана за вршење на дејноста во траење од 30 дена доколку некој угостителски објект ја врши дејноста без да биде категоризиран односно да има решение за категоризација.
– Со категоризацијата, секако, воведувајќи ги стандардите посебно по категории, на гостите им се овозможува пореална претстава за услугата што се очекува да ја добијат во однос на договорот, односно цената на сместувањето и на другите услуги во хотелот – истакнуваат од Министерството за економија.
Инаку, угостителските објекти за сместување (хотел, мотел, пансион, туристички апартман, планинарски и ловни домови), пред започнување со вршење на дејноста задолжително се категоризираат според условите и стандардите пропишани за одделни видови на овие објекти во поглед на уредувањето, опремувањето и квалитетот на услугите со ѕвездички. Во правилникот за услови за категоризација на објектите за вршење на угостителска дејност, се предвидени условите во согласност со кои тие се категоризираат, а категоризацијата ја врши комисија што е задолжена за прием на барањата за категоризација, увид во угостителскиот објект, и изработка на извештај за извршената категоризација.
– Составен дел на извештајот е фотографски документиран материјал, кој се користи како доказ за исполнување на условите и стандардите според кои се врши категоризацијата, како и предложената категорија за угостителскиот објект и начинот на гласање на секој член на комисијата, поединечно, со соодветно образложение за предложената категорија. Извештајот се потпишува од сите членови и се доставува до Министерството за економија – појаснуваат надлежните.
Правилникот за услови за категоризација на објектите за вршење угостителска дејност се состои од вкупно 270 критериуми, кои се услов за определување одредена категорија. Тој содржи 5 колони за сите категории и во нив со буквата М се прикажани минималните условите што треба објектот да ги исполнува за категоријата за која аплицира.
Правилникот за услови за категоризација на објектите за вршење угостителска дејност е усогласен со еуростарс-стандардите, кои се применуваат во земјите од Европската Унија.
Со него се оценуваат зградата, мебелот и опремата, услугата, просториите за слободни активности, распоредот на понудата, конференциските сали и другите простории во објектот.