Со финансиска поддршка од Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) во земјава ќе се подобруваат условите за живеење во руралните средини и ќе се намалува сиромаштијата. Проектот „Поддршка за интегриран локален развој“ со вкупна вредност од 275 илјади евра ќе се спроведува до 2021 година. Целта е да им се помогне на малите земјоделски стопанства и на семејните фарми да ги подобрат условите за живот, да добијат пристап до пристојна работа и до продуктивно, одржливо вработување.
Целта на проектот е да ги поддржи политиките и мерките за рурален развој и да ги зајакне капацитетите на локалната власт за да се подобри животот во руралните средини и стандардот на живеење на руралното население. Носител на проектот е МЗШВ, а ќе се спроведува во соработка со единиците на локалната самоуправа, Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството и земјоделските здруженија. За да се постигне програмски пристап во руралниот развој, проектот ќе избере две целни рурални заедници во кои веќе се спроведува консолидацијата на земјоделското земјиште.
– Соодветното креирање на руралните политики е еден од нашите главни приоритети, кои придонесуваат кон намалување на иселувањето на населението и нивно задржување во руралните области, а со тоа и зголемување на земјоделското производство и намалување на увозот на земјоделски и прехранбени производи – рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, на отворањето на проектот.
Тој додаде дека проектот на ФАО ќе помогне во поддршка на развојот на локалната заедница, ќе им помогне на малите земјоделски стопанства да применат одржливи технологии на производство, да инвестираат во мерки за приспособување кон климатските промени, да ги диверзифицираат нивните приходи, да пристапат до средства за механизација или друга опрема, да го подобрат вредносниот синџир и пристапот до нови пазари.
Мортен Хартвигсен од ФАО посочи дека проектот се спроведува како дел од Регионалната иницијатива на ФАО за зајакнување на малите земјоделски стопанства и на семејните фарми, за подобрување на руралниот живот и за намалување на сиромаштијата.
– Постои јасна потреба да се поддржат македонските рурални заедници преку интегриран пристап, односно здружување на различни иницијативи за зајакнување на руралните области, како поддршка за развој на вредносниот синџир, подобрено организирање, засилено и одржливо производство и подобрувања во земјоделската инфраструктура – рече Хартвигсен.