Македонија има капацитет да биде дестинација за четири сезони. Она што се случува за време на августовските празници во Охрид не треба да ни биде пример, бидејќи се намалува квалитетот на услугите што ги добиваат туристите, вели директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Љупчо Јаневски

Летувалиштата низ Македонија, особено оние покрај охридското крајбрежје, раце тријат во шпицот од сезоната. Деновиве, туристите што не направиле навреме резервација до неа тешко можеа да дојдат. Сепак, дали е доволно капацитетите да бидат полни само во шпицот и во екот на летната сезона или е неопходно да се променат состојбите, за истите тие да бидат полни подолг временски период.
Најновите податоци на Државниот завод за статистика за бројот на туристите во јуни 2019 година во земјава покажуваат раст на посетителите и на ноќевањата. Бројот на туристите во јуни 2019 година, во однос на јуни 2018 година, е зголемен за 16,6 отсто, додека бројот на ноќевањата за 8,9 проценти. За разлика од јуни, во месец мај, ДЗС регистрира пад на туристите во земјава за 4,8 проценти, а на ноќевањата за 2,8 отсто. Притоа имаше пад и на домашните (4,1 отсто) и на странските туристи (5,2 отсто).

– Македонија има капацитет да биде дестинација за четири сезони. Гледано и географски и демографски, гледано и според атракциите што ги имаме низ државата, земјата има што да понуди за да привлече туристи во текот на целата година. Она што се случува како масовен туризам за време на августовските празници во Охрид не треба да ни биде пример, бидејќи сите локации се преполни, но притоа се намалува квалитетот на услугите што ги добиваат туристите – вели директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Љупчо Јаневски. Тој посочи дека како и повеќе години претходно, така и оваа година, на почетокот на август во Охрид се забележуваат млади луѓе, туристи како спијат по тревниците или туристи што се сместуваат во некатегоризирани легла за да не останат на улица.

– Ние треба да понудиме нешто повеќе, треба да ги разложиме туристите во сезона и надвор од сезона. Според некои процени, не можеме да примиме повеќе од 1,5 милион туристи во сезона. Сѐ што е повеќе ќе резултира со неможност да ја сервисираме дестинацијата – истакна Јаневски.

Во текот на јуни има раст и на домашните и на странските туристи. Домашните гости се зголемиле за 15,7 отсто, а странските за 16,9 проценти. ДЗС регистрира раст и на бројот на туристите за првите шест месеци од годината.
– Во периодот јануари – јуни 2019 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 4 отсто. Кај домашните туристи има зголемување за 5,2 проценти, а кај странските има зголемување за 3,5 отсто. Бројот на ноќевањата е зголемен за 2,1 проценти – стои во соопштението на државниот завод.

Директорот на агенцијата истакна дека во периодов сите хотели се полни, па дури и категоризираното приватно сместување, и истакнува дека недостигаат домашните туристи.

– Многу малку туроператори ја нудат Македонија, немаме ниту седумдневни, ниту тридневни аранжмани, како што има за соседните земји. Недостигот од понуда значи помал број на туристи, на ноќевања и помал прилив. Следниве години треба подобро да ја спроведуваме законската регулатива, за точно да знаеме колку туристи имаме – истакна Јаневски.

Нагласува дека со досегашниот модел на субвенционирање е достигнат врвот и дека е потребна негова промена за да има повеќе туристи и надвор од сезона.
– Треба да ги изедначиме пазарите, треба да даваме субвенции во сезона и надвор од сезона, и да ги даваме зависно од категоризацијата на сместувачките капацитети. Со тоа ќе ги мотивираме хотелиерите да вложуваат во своите објекти и да имаме подобра и пообјективна категоризација. Треба да имаме долгорочна стратегија за туризам за да имаат инвеститорите јасна слика каде ќе се движи туристичкиот сектор, и да знаат во што да вложат и како да ги зајакнуваат своите понуди – истакна Јаневски. Тој додаде дека со трансформација на агенцијата во национална туристичка организација, што би требало да се случи во следниве три години, ќе се зајакне соработката со туристичкиот сектор.

– Ние ги промовираме Македонија и регионот на далечни пазари. Токму поради тоа минатата година бројот на туристите од Полска порасна за 50 отсто. А истото тоа треба да ни се случи и со азиските туристи, и ние треба да сме подготвени за нив. Агенцијата заедно со институциите од Србија и од Црна Гора оваа година заедно го промовираа Балканот како една дестинација. Заеднички ќе настапуваме во Сингапур пред тамошните туроператори и очекуваме поголем интерес и од операторите и од граѓаните – додава директорот.

Поранешниот професор од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, Стојан Велковски, вели дека за туристи во текот на целата година ни се неопходни и поголема промоција и поголем маркетинг.
– Државата целиот процес може да го помогне со поголем маркетинг, со поголема промоција на земјава. Еден од начините е со реклами на познати телевизии специјализирани за таа намена, но и преку поддршка на туристичките работници за учества на големи саеми за промоција на понудите. Во овој период, кога многу граѓани одлучуваат сами да си ги организираат патувањето и одморот, многу е важно да се биде присутен и на интернет-порталите за промоција и презентации – кажа Велковски.


Број на туристи по земја на припадност

Турција 19.066
Србија 6.495
Полска 6.124
Бугарија 4.676
Грција 4.503
Холандија 4.497
Германија 3.672
Хрватска 2.765
Кина 2.624
САД 2.281

Извор: Државен завод за статистика


Број на туристи

јуни 2018 г. јуни 2019 г.
Вкупно 102.327 119.334
Домашни 25.953 30.022
Странски 76.374 89.312

Извор: Државен завод за статистика

[email protected]