Според извештајот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, девизниот прилив во 2018 година по основа на туризам бележи пораст од 16,7 проценти во споредба со 2017 година
Со поголема промоција со присуство на познати саемски манифестации или, пак, со повеќе реклами во светските медиуми, но и со промена на моделот на субвенционирање, Македонија може значително да го зголеми бројот на странски туристи. Туроператорите бараат измени на законот и на моделот на субвенционирање, а директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот најави дека веќе се разгледуваат различни опции.
– Најавив дека во координација со сите субјекти во туризмот треба да создадеме нов систем за субвенционирање, кој ќе помогне и дополнително ќе го зајакне македонскиот туристички сектор. Мои предлози се измени во исплатата според категоризацијата на сместувањето, преку зголемување на просечниот престој во земјата, во зависност дали туристи се носат во или надвор од сезона. Се надевам дека во таа насока ќе бидат и елементите кога се во прашање изедначувањата на одредени пазари – рече директорот Љупчо Јаневски.
Професорот на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, Стојан Велковски, појаснува дека со сегашниот модел, на кој укажуваа и туроператорите, се изедначуваат сите донесени туристи и дека тој принцип треба да се измени, пред сѐ од аспект дека за одредени туристи се прават поголеми трошоци, додека за други помали.
– Би требало за оној туроператор за кој се поголеми трошоците да се добијат и повисоки субвенции. Недостигот на состојбата во туризмот во Македонија е што елитниот туризам ни е многу слабо развиен, доминираат посиромашни туристи. Би истакнал дека, покрај поттикнувањето на туристичките работници за внес на странски туристи, исто така е важно да се привлекуваат и домашните туристи и да се работи на нивна анимација, што повеќе домашни жители да посетуваат различни дестинации низ земјата, бидејќи и на тој начин се развива туризмот – истакна Велковски.
Тој додава дека со странските туристи се внесуваат свежи девизи, но не смееме да се потпираме само на нив. Според него, исто така, важно е туризмот да не се потпира само на сместувањето и исхрана, туку на туристите да им се понудат нови занимливости, да им се отворат можности, покрај веќе познатите локации, да имаат пристап до алтернативен туризам, посета на планини, алпинизам и други форми на забава.
– Државата целиот процес може да го помогне со поголем маркетинг, со поголема промоција на земјава, како преку реклами на познати телевизии специјализирани за таа намена, така и преку поддршка на туристичките работници за учества на познати саеми за промоција на понудите. Во овој период, кога голем дел граѓани одлучуваат сами да ги организираат патувањето и одморот, многу е важно да се биде присутен и на интернет-порталите за промоција и презентации – додава Велковски.
Според извештајот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, девизниот прилив во 2018 година по основа на туризам бележи пораст од 16,7 проценти во споредба со 2017 година.
– Континуитетот во зголемувањето на девизниот прилив од посети на странски туристи се должи на мерките и активностите што се преземаат од страна на целиот туристички сектор во земјава. Oчекувањата на Агенцијата за туризам за тековната 2019 година се дека нашата земја ќе ја посетат 1,3 милион туристи, кои ќе остварат 4 милиони ноќевања и, притоа, ќе имаме девизен прилив од 420 милиони американски долари – велат од Агенцијата.
Според досегашната практика, за секој турист од странство донесен со авионски превоз преку туроператорите државата преку субвенции плаќа по 65 евра. Проблем или нелогичност во субвенциите, според туроператорите, е што субвенцијата за гости што престојуваат во хотел од висока категорија и за приватно сместување е иста, додека трошоците се многу поголеми за првите.
– Имаме пораст на посетите од странски туристи, и тоа од 10-15 проценти. Ова значи дека добро се продаваме кај странците. Мора да истакнам дека имаме пораст и кај домашните гости, но не толку голем. Најмногу посети имаме од Холандија, кои резервираат од мај до средината на октомври. Додека Полјаците, кои, исто така, ги има во поголем број, доаѓаат од јуни до септември – вели Крсте Блажевски, претседател на Асоцијацијата на хотели, ресторани, кафетерии и автокампови (ХОТАМ).
Првиот човек на ХОТАМ додава дека иако статистички се гледаат сите посети во земјата, сепак битни се и посетите од комерцијална намена, како бизнис-средби или конференции, за кои се неопходни резервација во хотел и хотелско сместување, што значи повторно парите влегуваат во угостителскиот сектор.
Според анализи направени од Факултетот за туризам во Охрид, минатата година од странски туристи во Македонија влегле 300 милиони евра, од кои 50 милиони на сметка на државата. Сепак, упатените во секторот сметаат дека е неопходно да се промени моделот на субвенционирање, бидејќи дел од пазарите веќе е заситен, додека, пак, други пазари не можат да ја користат мерката.
– Се субвенционираат туроператори што носат туристи со најмалку три ноќевања, што за одредени држави е проблем, бидејќи не остваруваат толкав број ноќевања. Одредени туроператори иако носат туристи од држави што се опфатени со критериумите за субвенционирање, не добиваат субвенции. Германија е една од државите со голем потенцијал за привлекување туристи, а кои Македонија не успева да ги привлече. Веројатно треба да се направат конекции со туроператори од овој регион – вели Цветко Андреески, декан на Факултетот за туризам.
Според него сѐ уште има простор за пораст на бројот на туристи, за што се неопходни инвестиции во бројот на капацитетите за сместување, но и да се најде начин да доаѓаат туристи во текот на целата година.
– За туристите се неопходни квалитетни патишта, не само автопат, туку средени регионални патишта. Државата може да му помогне на туризмот и со организирање разни манифестации, меѓународни конгреси, симпозиуми, со развој на медицинскиот туризам – истакнува Блажевски.
Според него, неопходно е донесување детални урбанистички планови, за да се знае каде што може да се гради, за да се има убаво испланиран простор, а не само згради, туку уредено крајбрежје или уредено планинско место, со што ќе се привлечат уште повеќе туристи.