На Форумот за регионална економска соработка, на кој покрај премиерите на Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, присуствуваа и бизнисмени од трите земји, беа потпишани меморандуми за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки и за слободен пристап до пазарот на трудот, како и договор за соработка при заштита од катастрофи
НОВ ИМПУЛС ВО СОРАБОТКАТА МЕЃУ МАКЕДОНИЈА, АЛБАНИЈА И СРБИЈА
„Отворен Балкан“ е новото име на иницијативата за регионална соработка мини-шенген, со која се опфатени Србија, Македонија и Албанија и која, според договорите што беа потпишани на вчерашниот Економски форум во Скопје, меѓу другото, предвидува до 2023 година да се поедностават граничните процедури меѓу трите земји.
На Форумот за регионална економска соработка, на кој покрај премиерите на Македонија и на Албанија, Зоран Заев и Еди Рама, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, присуствуваа и бизнисмени од трите земји, беа потпишани меморандуми за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки и за слободен пристап до пазарот на трудот, како и договор за соработка при заштита од катастрофи.
Со тоа, како што порача премиерот Заев, треба да почне нова ера на соработката во регионот, која е резултат на силна политичка волја на претседателот Вучиќ, на премиерот Рама и негова, за да ги обезбедат сите услови што зависат од владите на трите земји за ефикасна регионална соработка.
– Очекуваме многу скоро бенефициите да се почувствуваат во домашниот буџет на милиони семејства, во квалитетот на живот на милиони граѓани. За сите нас е несомнено јасно дека само со интегриран и поврзан регион може да се движиме постојано кон нашата основна цел, членство во ЕУ. Бидејќи ние не можеме да бидеме ништо друго освен земји од европскиот Балкан – изјави Заев.
Српскиот претседател Александар Вучиќ посочи дека трите земји ќе работат на остварување на идејата за олеснување на протокот на луѓе, стока и услуги.
– Нема да има застанување од Белград до Тирана и обратно. Граници ќе има, но нема да има застанување за нашите граѓани. Тоа ќе биде историски момент. Ќе имаме еден систем преку кој ќе се разменуваат информации. Придобивките ќе бидат огромни кога превозниците на стока нема да мора да чекаат на граничните терминали – истакна Вучиќ.
Поздравувајќи го договореното, претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, посочи дека тоа е резултат на лидерството на премиерите Заев и Рама и на претседателот Вучиќ.
– Она што се подразбира по западните критериуми дека се бара политичко лидерство од претседателите, тоа денеска можевме да го видиме на дело и од Заев и од Рама и од Вучиќ, зашто една иницијатива за која уште нема комплетна поддршка, политичките раководства да ја објаснат, смело да тргнат напред и да го поведат народот кон таа цел, е само политичко лидерство што го подразбира Запад и кон кое треба да одиме – кажа Азески.
Од асоцијација на транспортери „Макам-транс“, која е меѓу најзасегнатите од досегашните застои на границите, укажуваат дека генерално имаат позитивно мислење за сите активности што се преземаат за забрзување на протокот на стока и патници на целиот Балкан и пошироко.
– Целосно отворање на транспортниот пазар на територија на Балканот, а пред сѐ меѓу Србија, Албанија и Македонија треба да се постигне со целосна либерализација на сите три вида превоз: билатерален, транзитен и за и од трета земја. Ова е основа за непречен развој на сите производствени трговски друштва, па и на стопанството во целост на трите држави. Заедничките гранични премини што се воспоставени со Србија и ќе се воспостават и со Албанија се почеток за надминување на застоите на проток на возила, но треба да се работи на целосно отстранување на дуплите контроли што сега се прават на исто место, со тоа што може да се воспостави електронска комуникација за пренос на податоци од еден до друг надлежен орган во државите, во зависност од тоа која ја прави контролата. Проширување на граничните премини со додавање дополнителни ленти што може да се користат како приоритетни (зелен канал) дополнително ќе ја олесни целокупната размена на стоки и патници, затоа што ќе се намалат колоните во периодите на шпицови, кога во ист период се собираат голем број возила на самите гранични премини – укажува Билјана Муратовска, генерална секретарка во „Макам-транс“.
Таа вели дека најбитниот елемент за дејствување на превозниците се брзината и флексибилноста, а сето тоа е поврзано со непречена достапност на транспортните пазари (укинување дозволи) и овозможување брз проток на граничните премини, кои во голема мера се лоцирани на територијата на Балканот.
– Заедничкиот преглед на возилата на граничниот премин со Србија овозможи за 30 отсто зголемување на протокот на возила и времето за завршување на царинските процедури, што е позитивен исчекор. Со потпишување на сите спогодби за меѓусебно признавање документи што се битни за возилата, возачите и стоката што се превезува, времето за проток на возила дополнително ќе се намали и ќе овозможи подобри конкурентни услови за вршење на дејноста превоз на стока – потенцира Муратовска.
Бизнисмените, генерално, ја поздравуваат иницијативата и укажуваат дека сега е клучен период да бидеме организирани, со што би придонеле за поголем економски раст, а со тоа и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
– Доколку бидеме мудри и паметно организирани, на пример со помалку советници, а повеќе директно назначени менаџери за реализација на капитални инвестиции, би можеле да ги оствариме плановите за реализација на коридорите, плус олеснување на процедурите и бариерите на пазарот на капитал и привлекување инвеститори од регионот, во тој случај би можеле да придонесеме кон повеќе интерес, вработувања и подобрување на животниот стандард на граѓаните – смета Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерација на Македонија.
Уште поголема придобивка ќе биде со најавите и остварувањето на барањата на бизнис-заедницата да може работници од земјите од регионот да работат кај нас или наши кај нив доколку паметно ги направиме договорите за почитување и признавање на социјалните права.
Петранка Огнаноска
Катерина Михајлова