Ако се анализираат сегашните карактеристики на македонската економија, а особено степенот на економски развој, недвосмислено се наметнува заклучокот дека развојот на индустријата, зголемувањето на продуктивноста и зголемувањето на извозот се единствените наши шанси за иден развој
Извозно ориентираните компании имаат потенцијал да бидат мотор на развојот во периодот што следува по пандемијата на ковид-19. Економските експерти постојано зборуваат дека извозот може да има голема улога во економското закрепнување, но, сепак, прашањето е кои предуслови се потребни за да се дојде до поголем извоз, како да се генерира повисока додадена вредност за да бидат производите конкурентни на пазарот, дали сето тоа е пoврзано и со зголемување на иновативноста…
Во студијата на група македонски економисти „Големата слика: Македонската економија на среден и долг рок“ се вели дека меѓу најважните предуслови за реализирање на придобивките во целост се, секако, структурата на извозот, степенот на специјализација на извозните добра, степенот на диверзификација на производството, како и развиеноста на институциите во земјата.
– Помалите држави и државите во развој треба да се фокусираат на зголемување на ефикасноста на процесите, односно на квалитетот на добрата што го нудат на светскиот пазар. На тој начин тие ќе можат да генерираат повисока додадена вредност, со која ќе бидат конкурентни на светскиот пазар – пишува во студијата.
Според Калин Бабушку, управител и сопственик на „Македонија експорт“, само извозот може да е двигател на економскиот пораст.
– Ние сме земја што е увозно зависна и единствен „спас“ ни е извозот, од секој аспект. Не знам колку ние можеме да понудиме иновативен момент во целиот извоз, но она што можеме да го понудиме е брендинг и квалитет. Сметам дека нашата држава може да се понуди како земја што нуди добар квалитет и брза испорака. Кога сме кај брзата испорака, тука доаѓаат нашата иновативност и можност да се издигнеме пред другите. Иновативност во намалување на времето на испорака, на изработка на крајните продукти, како и иновативност во подобар квалитет на производство на нашите крајни продукти. Едноставно, мораме да сфатиме дека нашата геостратегиска поставеност ни дозволува да инвестираме во иновативност во одредени сегменти и мора да го искористиме тоа. Секако, сето тоа влијае на макроекономската перспектива на државата и зголемување на нејзиниот БДП – објаснува Бабушку.
Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, вели дека ако се анализираат сегашните карактеристики на македонската економија, а особено степенот на економски развој, недвосмислено се наметнува заклучокот дека развојот на индустријата, зголемувањето на продуктивноста и зголемувањето на извозот се единствените наши шанси за иден развој.
– Македонија нема некои огромни природни ресурси на земјен гас, нафта, злато или други природни богатства за извоз. Истовремено, можностите за развој на туризмот се ограничени. Тогаш ни останува можноста на извоз на земјоделски производи и индустриски производи и услуги. Но она на што треба да работиме се автоматизацијата и зголемување на продуктивноста. На тој начин ќе оствариме поголем девизен прилив и ќе создадеме можност за поголеми плати и поголем стандард на вработените – нагласува Димитров.
Како што додава тој, иновативноста е многу важна за поголема конкурентност и поголема додадена вредност, но мораме да бидеме реални, според износот на средства што ги издвојуваме за истражување и наука, не можеме да се натпреваруваме со развиените земји на овој план. Затоа ќе мора современата технологија да ја увеземе од надвор.
Во студијата „Големата слика: Македонската економија на среден и долг рок“, економистите велат дека создавањето висока додадена вредност е тесно поврзано со зголемувањето на иновативноста, која може да е насочена или кон зголемување на ефикасноста на процесите или кон зголемување на квалитетот на производите.
– Секако, пласирањето нови производи и процеси е најсигурниот начин за генерирање висока додадена вредност, која ќе ја подигне конкурентноста на меѓународните пазари. Државите се разликуваат и во однос на ресурсите со кои располагаат, а тоа се однесува на квалитетот на работната сила, расположливиот капитал и нивото на знаење – се објаснува во студијата.
Оттаму се истакнува дека од макроекономска перспектива, инвестициите во знаење и подигнување на нивото на иновациите имаат за крајна цел зголемување на производство, исто како и при инвестициите во опрема и машини. За државите што се стратегиски ориентирани кон зголемување на економскиот раст и меѓународната конкурентност, интелектуалниот капитал е еден од клучните фактори на производство за постигнување на тие цели.