Колку е присутна европската валута на Балканот
Нашиот народ некаде до 100 илјади денари знае за колкави цени станува збор, а сето друго над таа сума го разбира појасно кога е изразено во евра, што, според упатените, и не треба да биде изненадување бидејќи денарот многу години е врзан за курсот на еврото
Хрватска никогаш не била поблиску да ја замени куната со еврото, а од земјите од соседството Црна Гора и Косово веќе ја користат европската валута, иако ниту една од двете земји не е членка ниту на еврозоната ниту на Европската Унија, а доколку Македонија денес се одлучи да го замени денарот со евро, процедурата би траела неколку години.
Еврозоната со години расте. Прва во неа влезе Словенија во 2007 година, следуваа Кипар и Малта во 2008, Словачка во 2009, Естонија во 2011, Летонија во 2014 и Литванија во 2015 година.
Од „поновите“ членки еврото сè уште не го прифатиле Чешка, Полска, Унгарија, Романија и Бугарија, додека Хрватска во моментот преговара и се очекува наскоро и таа да стане дел од еврозоната. Според пристапните договори, овие земји ќе го прифатат тогаш кога нивните економии ќе бидат подготвени.
Заедничката европска валута, освен во Црна Гора и во Косово, е официјално платежно средство и во уште неколку земји што не се членки на еврозоната, Ватикан, Монако, Сан Марино и Андора.
Некои од познавачите на економските состојби велат дека воведувањето на еврото може да има предности, но и недостатоци.
– Користењето на заедничката европска валута има редица предности, особено за извозниците што ја пласираат својата стока во земјите од ЕУ, бидејќи повеќе нема да имаат проблем со курсните разлики. Би имале предности и во поглед на единствената политика што ја води централната банка, но од друга страна би загубиле важен лост на монетарната политика, со кој земјата може да управува со одредени развојни планови, да ја поттикнува економијата и да остварува економски раст, да ја одредува висината на каматните стапки… – сметаат аналитичарите.
Според универзитетскиот професор Ванчо Узунов, Македонија на некој начин веќе го има еврото како валута во земјава.
– За нас е исто дали имаме евро или денар за платежно средство. Впрочем, денарот многу години е врзан за курсот на еврото, така што нема некоја разлика. Ние на некој начин де факто го имаме еврото како валута. Нашиот народ некаде до 100 илјади денари знае за колкави цени станува збор, а сето друго над таа сума го разбира појасно кога е изразено во евра – вели Узунов.
Тој додава дека Македонија е многу далеку од станување членка на еврозоната и дека претходно треба да исполни многу други услови.
– Нашата економија треба да стане способна според критериумите што владеат во европската монетарна унија, а засега не ги исполнуваме тие критериуми – наведува Узунов.
Со сличен став е и поранешниот гувернер на Народната банка Петар Гошев, кој смета дека, меѓу другото, станува збор и за политички одлуки на ЕУ.
– Косово и Црна Гора го воведоа еврото без согласност на ЕУ. Кај нас де факто со фиксниот курс функционира еврото, но ние без согласност на ЕУ не можеме да го воведеме како валута. Има некои држави што се членки на ЕУ, а сепак не го вовеле еврото, други, како Хрватска, преговараат, Бугарија и Романија сакаат да ја воведат европската валута, но не ги исполнуваат условите, така што на крајот сепак станува збор за политички одлуки на Унијата – појаснува Гошев, додавајќи дека не очекува во скоро време да се случи такво нешто.