Фото: Дарко Андоновски

За поголемо искористување на обновливите извори на енергија е неопходно нивно промовирање, за што владините институции планираат разни финансиски механизми за поддршка. За поттикнување на домашното производство од ОИЕ и за локалните бизниси се предвидени два вида финансиски механизми, повластени тарифи и премии

Искористувањето и уделот на обновливите извори на енергија (ОИЕ) во вкупната потрошувачка на енергија е предвидено да се зголемуваат, достигнувајќи 35-45 проценти во 2040 година. Ова е предвидено во стратегијата за развој на енергетиката во Македонија до 2040 година, каде што е истакнато дека искористеноста на ОИЕ е важен фактор за декарбонизација на енергетскиот сектор. Притоа, во стратегијата се предвидени три различни сценарија за развој, а во референтното сценарио уделот на ОИЕ е проектиран на 33 отсто по 2030 година, додека, пак, во сценариото на умерена транзиција речиси 40 отсто, а 45 проценти во зеленото сценарио. Стратегијата исто така проектира дека е неопходно развивање на дистрибутивната мрежа за да се интегрираат повеќе капацитети на обновливи извори.

– Предвидени се големи фотонапонски капацитети до 1.400 мегавати, од кои 250-400 мегавати се инсталации на покриви. Ваквиот тренд укажува на важната улога на системот на дистрибутивната мрежа за поврзување на растечкиот број на децентрализирани системи – е посочено во стратегијата.

Покрај изградба на голем капацитет на фотонапонски електроцентрали до 1.400 мегавати, предвидена е и изградба на ветерни електроцентрали до 750 мегавати. Во среднорочните и долгорочните чекори е предвидена и изградба на нови електроцентрали, како што се акумулациските хидроцентрали (Градец, Велес, Глобочица 2 и проектот тунел Теново – Козјак), пумпно-акумулациски хидроцентрали (проектот „Чебрен“) или електроцентрали на гас.

– Сите три сценарија имаат голем пораст на електричната енергија произведена од ОИЕ, седум пати повеќе во 2040-та наспроти 2017 година. Хидроцентралите во текот на целиот период на планирање имаат најголем удел во производството на електрична енергија од ОИЕ, но, од друга страна, фотонапонски и ветерните електроцентрали имаат најголем пораст во производството на електрична енергија – се наведува во стратегијата, со назнака дека изградбата на нови мали хидроцентрали треба внимателно да се процени за да се избегне ризикот од диспропорционално влијание врз животната средина во споредба со произведената електрична енергија.
Исто така посочено е дека за поголемо искористување на обновливите извори на енергија е неопходно нивно промовирање и за истото тоа владините институции планираат разни финансиски механизми за поддршка. За поттикнување на домашното производство од ОИЕ и локалните бизниси, стратегијата предвидува два вида финансиски механизми, повластени тарифи и премии.

– Во согласност со уредбата на Владата за ОИЕ, премиите ќе се доделуваат во тендерска постапка. Највисоката поддршка треба да дојде во периодот 2020-2025 година, а максималниот поддржан капацитет за ОИЕ е 570 мегавати. Највисоката поддршка е за фотонапонски електроцентрали со повластени премии од 200 мегавати, по што следуваат малите хидроцентрали со 160 мегавати и ветерните електроцентрали со 150 мегавати – е појаснето во стратегијата.


Поголемо учество на биогоривата

Според плановите на надлежните, уделот на обновливите извори на енергија во транспортот треба да се зголемува, и тоа од 1,25 отсто во 2020 година до 10 проценти во 2030 и 2040 година.
– Електричните возила ќе имаат важна улога во пробивот на еколошките технологии за транспортот. Важен елемент е финансиски да се стимулираат купувањата или функционирањето на технологиите и моделите (возила) што користат горива од ОИЕ. Јавните државни и локални ентитети може да имаат важна улога во користењето електрични возила, воведувањето алтернативни горива или инфраструктура за полнење во практика. Важно е да се воведе постојана надградба на идните национални акциски планови за стимулирање и користење на биогоривата и на електричната енергија во транспортот, со сеопфатна цел за намалување на емисиите на стакленички гасови и на локалното загадување – стои во стратегијата.