Неопходно е да се промени свеста на граѓаните за уште од најмалата возраст да ја разберат смислата на енергетската ефикасност и на нејзината примена во практичниот живот. Ова беше констатирано во рамките на работилницата на тема „Одржлив енергетски развој – структура, улоги и активности“, која се одржа вчера во Скопје, во соработка со Комората на овластени архитекти и овластени инженери. Македонски и бугарски експерти ќе соработуваат и ќе разменуваат искуства од областа на енергетската ефикасност, потпишувајќи меморандум што предвидува размена на добри практики меѓу двете земји и заемна работа на експертите во областа на енергетската ефикасност, вклучувајќи ги и подготовката на документи, кои ќе им помагаат на инженерите и ќе бидат полезни за развојот на подзаконските нормативни акти.
Професорот Миле Димитровски, претседателот на Комората на овластени архитекти и овластени инженер, посочи дека и претходно имале одлични односи со Агенцијата за енергетика, а сега тоа само се формализирало.
– Со формализирањето на оваа соработка се надеваме на нејзино интензивирање. Особено затоа што се носи закон за енергетска ефикасност и влегуваме во фаза на операционализација. Ќе недостигаат кадри инженери и Комората ќе преземе дел од обврските за реализација на активностите на патот кон Европската Унија. Притоа, ќе имаме одлична соработка и размена на информации и знаења со колегите од Бугарија, кои имаат искуство – посочи Димитровски.
Ивајло Алексиев, извршен директор на Бугарската агенција за одржлив енергетски развој, потврди дека институциите и досега соработувале, но дека ќе се интензивира соработката со размена на добри практики и искуства во областа на енергетската ефикасност и помош при разработка на документи.
– За нас е задоволство да ги споделиме искуствата во областа на енергетската ефикасност. Ќе направиме сѐ што е можно на експертско ниво за да размениме практики и заемни искуства. Сигурен сум дека едни на други можеме да си бидеме полезни. Ние имаме што да научиме од Македонија, но и можеме да ви покажеме што сме направиле досега според упатствата од Европската Унија – спомена Алексиев.
Тој додаде дека е неопходно да се промени свеста на граѓаните за уште од најмалата возраст да ја разберат смислата на енергетската ефикасност и на нејзината примена во практичниот живот.
Директорот на Агенцијата за енергетика, Нехри Емрула, истакна дека во рамките на вчерашниот настан биле потпишани два меморандума за соработка, од кои вториот со Комората на овластени архитекти и овластени инженери.
– Во изминатите години како обврска во процесот на пристапување кон Европската Унија ги подготвивме сите позначајни стратегиски документи и акциски планови за реализација на политиките и на мерките за унапредување на енергетската ефикасност. Пред донесување е законот за енергетска ефикасност, што значи дека за многу брзо време ќе почнат обврските и мерките за негово спроведување, со цел постигнување на националните цели за заштеда на енергијата – вели Емрула.
Тој нагласи дека со овие плански законски документи се создава правна и функционална рамка за примена на мерки за унапредување на енергетската ефикасност како економски исплатлива изводливост и додаде дека на тој начин би се постигнале најбрзи резултати во оптимализација на користењето на енергијата.