Во период кога туристичките работници се борат да привлечат што повеќе туристи и да ја прикажат земјата како атрактивна дестинација, се соочија со нова пречка, овој пат изразена во показателите за алармантно загадување на воздухот. Претставниците на Асоцијацијата на хотели, ресторани, кафетерии и автокампови (ХОТАМ) потврдуваат дека во овој период во Македонија бројот на туристи е значително понизок што, секако, се должи и на загаденоста на воздухот
Загадувањето на воздухот ги брка туристите од Скопје, но ситуацијата може да се одрази и врз преостанатите туристички центри во земјава, иако засега, барем во поголемите како Охрид и Струга, загадувањето не е толку алармантно како во главниот град. Скопските хотелиери посочуваат дека во изминатиов период забележуваат значително намалување на бројот на туристите во споредба со истиот период од претходните години.
– Во однос на лани, овој период имаме издадено многу помалку соби, но ситуацијата не е само кај нас, туку и во другите хотели со слична категоризација. Не знаеме како е во хотелите со 4-5 ѕвезди, но во поевтините има драстично намален број издадени легла. Од нашата меѓусебна комуникација констатиравме дека намалувањето е резултат на загадувањето што го има во главниот град. Во денешно време е многу лесно да се проверат и да се следат податоците за загадувањето и луѓето што патуваат го прават тоа. Честопати туристите ги откажуваат резервираните соби бидејќи виделе дека загадувањето во Скопје е многу големо – вели Драгомир Петковски од скопската населба Влае каде што има и свој хотел.
Претставниците на Асоцијацијата на хотели, ресторани, кафетерии и автокампови (ХОТАМ) потврдуваат дека во овој период во Македонија бројот на туристи е понизок, но очекуваат раст од 25 декември. Сепак, тие истакнуваат дека ако продолжи загадувањето и во следниот период, истото тоа ќе има негативно влијание врз идните туристи што би требало да ја посетат земјата.
– Сега е преоден период кога сме во исчекување на божиќните и новогодишните празници. Поради тоа, вообичаено овој период има помалку туристи, но факт е дека оние што планираат да патуваат некаде ги следат податоците за загаденоста на воздухот во местото каде што планираат да патуваат. Бидејќи аранжманите за Нова година се плаќаат однапред, гостите што се од околината како Србија, Грција, Бугарија, Турција сигурно ќе дојдат, но странците што доаѓаат од европските земји може и да го откажат патувањето или, пак, ако дојдат и ако е магливо и загадено како деновиве никогаш веќе нема да се вратат, ниту пак ќе имаат позитивни впечатоци. Тоа ќе има дополнително негативно влијание и ќе се одрази врз следните гости што треба да нѐ посетат. Ќе се пренесат информациите дека е загадено и многу луѓе ќе ги откажат резервираните термини – вели Асим Меџедовиќ, координатор во ХОТАМ.
Меџедовиќ истакнува дека во денешно време, кога благодарение на технологијата, туристите многу побрзо разменуваат податоци, многу брзо се шират и лошите информации и критики, кои можат значително да влијаат на идните одлуки за посета на земјава.
– Негативните коментари многу повеќе се објавуваат и пренесуваат, оставаат многу посилен впечаток, а за нивно коригирање, односно за промена на тој впечаток, е потребно многу време. Овие информации повеќе му штетат на Скопје, отколку на Охрид и Струга бидејќи кај нив загадувањето не е толку големо. Но, од друга страна, за време на новогодишните празници повеќе туристи има во главниот град отколку во другите туристички дестинации – додава Меџедовиќ.
Тој појаснува дека овој период од годината е исклучок кога има повеќе гости во Скопје, и дека повеќето од туристите се сместуваат во хотели со 4 – 5 ѕвезди.
Дека загадувањето лошо се одразува врз туристичката дејност потврдуваат и од Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори, од каде што алармираа дека туристичките работници бараат системски мерки од надлежните институции и долгорочна кампања за издигнување на јавната свест за фрлање отпад и поголема ажурност од комуналните претпријатија и општините. Оттаму истакнуваат дека не само поради загадувањето на воздухот, кое е поголемо во зимскиот период поради што се случува тогаш и бројот на туристите во државата драстично да се намали, туку и поради загадувањето воопшто, туризмот константно трпи големи штети. Претседателот на комората Владимир Граматиков вели дека не може да се развива туризам ако екологијата е на ниско ниво.
– Насекаде околу нас има отпадоци, полни контејнери и ѓубре наместо жардиниери со цвеќе. Промовираме планински туризам и доаѓаат странски туристи што уживаат во убавините на планините, но отпадот што го има насекаде останува трн во око. Срамно е за држава што сака да се етаблира во регионот како добра туристичка дестинација да има толку ѓубре насекаде. Туристите кога ќе ги прашаме за нивните импресии велат дека се задоволни од храната и гостопримството, но истакнуваат оти е многу валкано и дека мора да работиме на екологијата – смета Граматиков.
Тој истакнува дека загадувањето остава лош впечаток бидејќи туристите кога доаѓаат во земјава не знаат за него, но кога се враќаат во сопствените држави го пренесуваат впечатокот и тоа негативно се рефлектира на следните тури што треба да дојдат.