Промени во регулативата за работни односи, преквалификација на невработените, креирање добро платени места, се препораките за регрутација на квалитетна работна сила и поголема конкурентност во компаниите. Препораките произлегоа од вчерашната презентација на проектот „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“ и во него се вклучени сите четири стопански комори во земјава.
– Барањата на фирмите се во насока на поголема флексибилност во процесот на поставување, реализирање и претставување на работниот однос во еден вид дерегулација, но не анархија – рече Љубомир Димовски, претставник на проектот.
Иницијативата за креирање нов закон за работни односи, според него, може да одговори на дел од проблемите што ги лоцираат фирмите во законската регулатива.
– Ги повикувам сите, особено помладите кадри да ги следат измените на регулативата и да даваат предлози за подобрување на законите. Во активностите на проектот може да се вклучат и претприемачите и инвеститорите со нивни ставови во врска со разни проблеми, кои ќе ги доставиме до надлежните институции за подарување на пазарот на трудот – рече Димовски.
Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев смета дека активностите треба да се насочат кон отворање работни места, кои ќе бидат подобро платени и поатрактивни за младите да останат во државата и да се обезбедат услови за преквалификација на невработените што немаат соодветна едукација.
Иако во државава има најниска невработеност од осамостојувањето, 19,4 проценти, проблем е структурата на 105.000 невработени. Дури 42 процента од нив се постари од 50 години, 50 проценти се без или со основно образование, а 26,5 проценти со средно, но не од бараните техничките училишта. Е.Р.