Договорените аранжмани за патување во северна Италија за 8 Март се откажани поради новонастанатата ситуација со коронавирусот, а поради паника и страв има обиди за откажување и на аранжманите за други региони, велат од Стопанската комора за туризам на Македонија. Посочуваат дека туристичките компании трпат штети и оти во моментот не е потребна паника, туку конкретни акции што треба да се преземат. Реагираат бидејќи немаат конкретни насоки од ресорните министерства како треба да постапуваат во вакви ситуации. Бараат од Министерството за транспорт и врски, заедно со авиокомпанијата „Визер“, да заземе став за одложување или рефундирање на уплатените средства за авионски карти за Италија, за да се обесштетат патниците. Во понеделникот дописи испратиле и до министерствата за здравство и до Министерството за надворешни работи, но, како што посочија од МНР, контактирале вчера, а сѐ уште немаат одговор од Министерството за здравство.
– Понудите за регионите зафатени со вирусот се повлечени, но имаме откажувања и за другите региони што не се зафатени. Стравот и паниката се преголеми кај патниците, но и компаниите се во слична ситуација. Затоа вчера испративме допис и до Министерството за економија, од каде што побаравме да излезат со став за менаџирање во ваква кризна ситуација во услови на виша сила. До овој момент немаме одговор – истакна Билјана Пејовска-Ристовска, извршена директорка на Комората.
Од Комората велат дека за резервациите направени за Рим нема соработка со тамошните соработници за враќање на уплатените средства за хотелско сместување и ако се враќаат средства, тогаш тоа ќе треба да го направат агенциите на своја рака.
– Само за северна Италија имаме поврат на средства. Бараме барем „Визер“ да ни излезе во пресрет, бидејќи зема субвенции од државата. Двете опции се на маса – нагласи новиот претседател на Комората, Емил Димитровски.
Според Димитровски, паниката ќе биде доведена до тоа ниво да бидат откажани голем дел аранжмани, со што ќе им се направи штета и на патниците и на агенциите. Посочуваат дека, доколку се откаже аранжман за патување во другите региони, тогаш ќе бидат применети општите услови за патување.