Годинава ќе почне да функционира регистарот со кој ќе се евидентираат физичките лица, сопственици на правни субјекти, кои ги поседуваат или контролираат фирмите. Ова беше истакнато на вчерашната работна посета на министерот за финансии Драган Тевдовски на Управата за финансиско разузнавање. Инаку, оваа новина е дел од новиот закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам, кој е донесен во согласност со европската регулатива.
Министерот Тевдовски истакна дека оваа и други мерки се во насока за зајакнување на капацитетите на институциите и борбата против корупцијата преку зајакнување на транспарентноста.
– Регистарот на вистински сопственици треба да претставува систем, кој има цел да ги направи транспарентни сложените сопственички структури и правни аранжмани, односно да го разоткрие „скриеното“ сопствеништво. Имено истиот тој треба да го бележи сопственикот, односно сопствениците на правното лице или оние што имаат реална или друг вид контрола врз него – истакна Тевдовски.
Тој посочи дека Министерството за финансии пропишало правилник за регистрација со кој е регулиран начинот на внесување во регистарот, пријавување вистински сопственици, изразување на уделот на сопствеништвото, технички барања и начинот на одржување и администрирање.