Анкета спроведена меѓу членки на Стопанската комора на Македонија утврдила дека 9 од 10 компании не планираат отпуштање на вработените поради кризата предизвикана од ширењето на коронавирусот.
– Скоро половина или 48 отсто од анкетираните фирми се изјаснија дека нема да ги пратат работниците на принуден одмор, додека 19 проценти кажале дека ќе ги пратат на принуден одмор, приближно толкав процент од компаниите веќе ги пратиле на принуден одмор работниците, а 13 проценти размислуваат за друга можност. Во однос на прашањето за отпуштање на работниците, 86,2 отсто се изјаснија дека нема да ги отпуштат вработените, 13 проценти најавиле дека ќе ги отпуштат, а само 0,8 отсто веќе ги отпуштиле. Ова потврдува дека стопанствениците се свесни за важноста на работната сила, во која патем е и инвестирано за успешно натамошно работење на претпријатијата, а соодветно на тоа и за потребата колку што е можно повеќе да ги задржат работниците во редовен работен однос – кажа главниот советник на управниот одбор за економски прашања при Комората Зоран Јовановски.
Во однос на финансиите, 44 отсто од анкетираните фирми посочиле дека немаат проблеми со ликвидноста, додека 56 процени имаат. Притоа, Јовановски нагласува дека 65 отсто од фирмите имаат кредити за отплата, а 35 проценти немаат кредити.
Вкупно 81 отсто од анкетираните фирми пријавиле одреден процент на откажување на договорените аранжмани или работа на претпријатието. Притоа, 35 проценти од фирмите пријавиле дека процентот на откажување на договорените аранжмани или работа е поголем од 50 отсто.
– И покрај проблемите со кои се соочуваат претпријатијата во однос на производството, извозот, увозот, прометот и синџирот од доставувачи, радува сознанието дека 71 отсто не размислуваат за затворање на претпријатието, а дополнителни 21 процент размислуваат за затворање само на еден дел од претпријатието. Ова може да се поврзе со фактот што дури 79 отсто од анкетираните претпријатија работат повеќе од 10 години на пазарот. Според анкетата, 8 проценти од анкетираните би го затвориле претпријатието во целост – наведе Јовановски.
Во рамките на анкетата, фирмите се изјасниле и во поглед на тоа која од економските мерки на Владата планираат да ја искористат. Притоа 30 отсто од анкетираните фирми посочиле дека планираат да ја користат мерката 14.500 денари месечно по вработен за април и за мај, за компании погодени од кризата или 50 отсто од трошоците за придонеси за секој вработен.
За мерката – задолжително користење на првиот дел од годишниот одмор се изјасниле 26 проценти од претпријатијата. Додека мерката одложување на кредитите кај банките ќе ја користат 12 проценти од анкетираните фирми.
Мерката дополнителни бескаматни кредити за фирмите од нови 8 милиони евра од Развојната банка ќе ја користат 7 отсто од претпријатијата. Исто толку од анкетираните фирми се изјасниле дека ќе ја користат мерката 50 милиони евра евтини кредити од Развојната банка.