Фото: Игор Бансколиев

Повеќето од системите за наводнување се изградени уште во времето на поранешна
Југославија, а од осамостојувањето нови системи воопшто не се градени што, пред сѐ,
се одразува врз работата на земјоделците, кои поради недостигот од вода за наводнување не се секогаш во можност да ги добијат најдобрите приноси од културите што ги одгледуваат

Застарени и руинирани се повеќето од системите за наводнување во Македонија. Повеќето од нив се изградени уште во времето на поранешна Југославија, а од осамостојувањето нови системи воопшто не се градени што, пред сѐ, се одразува врз работата на земјоделците, кои поради недостигот од вода за наводнување не се секогаш во можност да ги добијат најдобрите приноси од културите што ги одгледуваат. Тоа е сликата што ја дадоа упатените по најавата на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, дека инвестициите во водостопанската инфраструктура преку изградба и реконструкција на брани и системи за наводнување, ќе бидат главен приоритет на неговиот ресор и тоа не само од аспект на зголемување на наводнуваните површини туку и заради заштита на животната средина и на жителите од поплави.

– Наводнувањето е значаен фактор за стабилно и конкурентно земјоделско производство. Побарувачката на вода за наводнување на обработливите површини изнесува 62,6 отсто од вкупната побарувачка на вода во државата. До денес, се изградени околу 160 помали и поголеми системи за наводнување и било предвидено да покријат 163.693 хектари плодно обработливо земјиште. Сепак, изградените основни објекти (брани, акумулации, пумпни станици, магистрални канали…) во средно сушна година можат да обезбедат наводнување на 144.894 хектари земјоделско земјиште. Од вкупната површина за наводнување, околу 61 отсто се наводнуваат со прскалки, а 39 проценти со површинско наводнување – објаснува професорот Ордан Чукалиев од Факултетот за земјоделски науки и храна.

Тој додава дека постојните системи за наводнување покриваат околу 120.000 хектари од обработливото земјиште. Фактичката површина што се наводнува, според МЗШВ, во 2015 година изнесувала околу 25.476 хектари. Според пописот на земјоделството, во 2007 година земјоделските производители се изјасниле дека наводнувале 80.000 хектари, а според податоците на МЗШВ за истата година се наводнувале само 22.161 хектар.

– Поради различни фактори, во последните години, од изградените системи за наводнување се наводнуваат само околу 30.000 хектари или околу 25 отсто од површината што може да се наводнува, а со неа стопанисува државата (АД „Водостопанство“). Најголем проблем претставуваат старата или уништена инфраструктура и слабата ефикасност при користењето на водите. Покрај тоа, системите со кои управува АД „Водостопанство“ се градени претежно во периодот пред 40-70 години, а потребите на земјоделските производители се сериозно променети. Земјоделските производители масовно се префрлаат на капково наводнување, а постојната изградена инфраструктура не одговара за оваа техника на наводнување поради големите растојанија помеѓу каналите или цевководите и непостоењето доволен број приклучни места – вели професорот Чукалиев.

Тој, меѓу другото, посочува дека проектите за рехабилитација на наводнувањето не ги земаат предвид потребите на земјоделците, иако се трошат огромни средства, па тие масовно ги напуштаат и не ги користат. Сепак, рехабилитацијата на системите во Јужновардарската Долина е ориентирана кон осовременување на наводнувањето, земјоделските производители се активен учесник во целиот процес и ова е позитивен пример за тоа како треба да се пристапи кон проблемот за рехабилитација на наводнувањето.

– Единствен исправен пристап е да им се овозможи на земјоделските производители да ја имаат централната позиција во целиот процес и да добијат системи за наводнување какви што им се потребни – посочува Чукалиев.
Професорот исто така укажува дека има несогласување меѓу бројките што ги објавува Министерство за земјоделство и Државниот завод за статистика, поради тоа што податоците од Министерство се однесуваат само на површините што се наводнуваат преку водостопанските организации.

– Сите постојни системи за наводнување во Македонија, без исклучок, се од времето на бивша Југославија. Со една разлика, што сега се доста руинирани, неодржувани, а водостопанските претпријатија во огромни долгови, без можност да ја шират мрежата и да ја зголемуваат својата рентабилност. Претходната влада започна со програма за нивно обновување и проширување, што беше за поздрав. Но со формирањето „организирана зелена мафија“ од редовите на политичкото подземје, цената на земјоделските производи беше урната, откупувачите што доаѓаа од Косово и од Албанија беа избркани, да не ја подигаат цената, и земјоделецот остана без финансиски средства со кои треба да го финансира производство – тврди Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделци „Агрофаланга“.

Вистинското прашање, според него, е дали Македонија ќе има земјоделство за користење на системот или тој ќе биде добра причина за задолжување.
Тој посочува дека со непостоење стратегија за развој, која ќе ги вклучува сите региони, и со добри економски анализи, градењето системи за наводнување е бесмислено. Станковски потсетува дека сите системи за наводнување што опстанаа се во региони што се специјализирани за одредени култури, како Кочанско за ориз или Тиквешко за лозарство.

– Поради климатските промени, или поточно за квалитетно и сигурно производство, и во други региони има потреба од такви системи. На тој начин би се создала можност и тие региони да настапат на пазарот – истакнува претседателот на здружението „Агрофаланга“.
Професорот Чукалиев, пак, посочува дека бидејќи системите за водоснабдување не одговараат на потребите на современиот земјоделски производител, земјоделците ги напуштаат.

– Земјоделците создале сопствена мрежа за наводнување на околу 40-50 илјади хектари. Овие површини главно користат подземна вода и се наводнуваат капка по капка. За жал, никој не ги евидентира овие површини и не се знае каде се лоцирани и како се раководи со нив. Сепак, доколку во рамките на постојната државна мрежа на системи за наводнување се наводнуваат 30 илјади хектари, а земјоделските производители изјавуваат дека се наводнуваат 70-80 илјади хектари јасно е дека постои проблем. Нерегулираните наводнувани површини се многу поголеми и позначајни од оние со кои управува државата и не смее овој проблем да се занемарува. Се трошат огромни количества вода без да се знае од каде – истакнува Чукалиев.
Тој објаснува дека иако овие 40-50 илјади хектари се изградени надвор од рамките на системот, треба да се евидентираат, да се направи обид за регулирање на постојната состојба и да им се овозможи на земјоделските производители да вршат наводнување на начин што им одговара и со кој постигнуваат најдобри резултати и приноси.


Правилна примена на системот капка по капка

Професорот Чукалиев посочува дека поради фактот што земјоделците изградиле сопствени извори на вода и наводнуваат со системот капка по капка, наводнувањето добива сосема друга слика.

– Над 60 отсто од наводнуваните површини се наводнуваат со системот капка по капка, што дава сосема друга слика за развојот на наводнувањето кај нас. Со вакво наводнување се троши помалку вода, приносите се стабилизираат и водата се троши многу поефикасно. Само треба да се пријде до овие земјоделци и да се обучат за правилна примена на капковото наводнување, за да се постигнат многу високи ефекти врз приносите и производствените резултати – објаснува Чукалиев.

Тој исто така посочува дека кога се зборува за системите за наводнување, мора да се посочи дека ни требаат и нови системи. Сепак, како што вели, приоритетот треба да ѝ се даде на рехабилитацијата на постојната мрежа за наводнување и нејзино приспособување кон потребите на земјоделското производство.

– Но, пред тоа, најверојатно треба да се детерминираат површините што се наводнуваат надвор од системот, да се легализираат и да се изврши покачување на капацитетите на тие земјоделци што во моментов користат вода од извори што самите ги развиле – прецизира професорот.

[email protected]