Економската криза предизвикана од пандемијата на ковид-19 силно ги погоди граѓаните што најчесто работат на нископлатени работни места или се дел од неформалната економија, примаат социјални трансфери или дознаки од странство, велат од институтот за економски анализи и истражувања „Фајненс тинк“, каде што анализирале колку пандемијата ја зголемила сиромаштијата во Македонија.
Екстремната сиромаштија, која претставува неможност да се задоволат основните егзистенцијални потреби, во Македонија се намалува, но поради кризата се зголемува релативната сиромаштија, што претставува вид недостиг од ресурси во домаќинствата, вели Деспина Туманоска, програмска координаторка во „Фајненс тинк“.
– Екстремната сиромаштија се намалува, што на прв поглед е чуден резултат. Но ова движење се должи на фактот што помеѓу нашата почетна точка пред ковид-19 и крајната точка по ковид-19, настана реформа на системот за социјална заштита преку зголемување на износите, интегрирање на повеќе видови социјална помош и попрецизно целење. Стапката на релативна сиромаштија поради ковид-19 се зголемува за 1,2 процентен поен на 23,7 отсто, што претставува дополнителни 25.000 лица втурнати во сиромаштија како последица на пандемијата и елиминирање на придобивките од нејзиното намалување во последните пет-шест години – објаснува Туманоска.
Според неа, иако нашата држава бележеше солидно темпо на намалување на сиромаштијата, од 27 отсто во 2010 до 21,9 отсто во 2018 година, сепак, околу 450 илјади лица, или речиси една четвртина од вкупното население, живееја под прагот на релативната сиромаштија.
– Ударот на кризата, предизвикана од ширењето на коронавирусот, се чини дека е со широк опфат, но ризикот е поголем кај понискодоходните групи од населението со оглед на тоа што тие се почесто вработени во ранливи сектори и сектори што беа погодени од кризата (како трговијата и транспортот), почесто се приматели на социјални трансфери и друг доход што не доаѓа од труд, почесто се среќаваат во неформалната економија и почесто се приматели на дознаки од странство – нагласува Туманоска.
Таа посочи дека мерките што ги носи Владата имаат потенцијал да извлечат дел од луѓето од сиромаштија, притоа нагласувајќи дека е неопходно да се информираат граѓаните за условите за користење на помошта. Во екстремната сиромаштија влегуваат луѓето што имаат до 44 денари на ден. Пред ковид-кризата, нивното процентуално учество во вкупниот број на населението било 4,7 проценти, но по ковид-кризата со социјалните мерки, овој процент може да се намали на 3,3 проценти. Односно, пред ковид-кризата со помалку од 44 денари на ден живееле околу 95.000 жители.
– Една од владините мерки насочени кон зачувување на животниот стандард на најранливото население, субвенции во износ од 14.500 денари по вработен во компаниите, беше олеснување на критериумите за стекнување гарантирана минимална помош што, според нашето истражување, има потенцијал да извлече 24 илјади лица од екстремна сиромаштија, која се дефинира како живот со помалку од 1,9 долар (44 денари) на ден. До јули годинава, потенцијалот е искористен само 65 отсто што значи дека уште девет илјади лица имаат можност да влезат во системот на ГМА и да излезат од екстремна сиромаштија – вели Туманоска.
Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, истакна дека бројот на лицата што останале без работа поради пандемијата кореспондира со бројот на затворените фирми.
– Впрочем, губењето на одредени работни места, предизвикано од кризата со ковид-19, стана вообичаена појава низ целиот свет и Македонија не може да биде исклучок. Ако износот на помошта е многу мал, тогаш работодавците полесно ќе се одлучат за затворање на дејноста и отпуштање на работниците, отколку да прават напори да се задржат вработените. Бројот на работниците што ќе останат без работа зависи од две работи, прво од системот на заштита на работничките права, а второ од висината на помошта за компаниите што ќе ја обезбеди државата – вели Димитров.
Според предвидувањата на Светската банка, од 55 илјади до 130 илјади Македонци поради кризата би можеле да западнат во сиромаштија и бројката зависи од тоа колку ќе трае кризата. Оттаму уште на почетокот на пандемијата апелираа властите да креираат политики за да го заштитат животниот стандард и да го олеснат закрепнувањето за работниците во неформалниот, како и во формалниот сектор.
– Минимизирањето на затворањето на фирмите и загубата на работни места е прв чекор и може да има важни ефекти на прелевање за неформалниот сектор, како преку каналите на понудата така и на побарувачката. Овие мерки се потребни и за да се осигури дека се одржува минимално ниво на економска активност или може да продолжи релативно брзо откако ќе се укинат ограничувањата на движењето. Уште поважно, треба да бидат воведени одговори за поддршка на приходите за работниците што може да не се покриени со програмите за социјална заштита, програмите за јавни работи и приспособувањето на осигурувањето во случај на невработеност – препорачаа од Светската банка.