Ние сме прагматичари. Ние не се држиме до никаква идеологија-Ли Куан Ју
Сингапур се наоѓа во југоисточна Азија, на јужниот дел на Малезија, северно од Индонезија. Се состои од 63 одделни острови, со вкупна површина од 704 километри квадратни. Најголемиот остров е Пулау Уџонг, најчесто наречен Сингапурски остров или само Сингапур.
Сингапур има околу 5.354.000 жители, оваа југоисточна азиска држава е третата најгусто населена земја во свететот. Населението е етнички разновидно и многу од жителите се родени во странство. Само 63 отсто од населението се граѓани на Сингапур, останатите 37 отсто се привремени или постојани жители. Официјални јазици се кинескиот, малајскиот, англискиот и тамилскиот јазик. Околу 50 отсто од населението го говори кинескиот, а 32 отсто го користи англискиот како прв јазик, 12 отсто малајски и 3 отсто тамилски јазик. Најраспростанета религија е Будизмот, останатите се муслимани, таоисти, христијани и хиндуисти.
Денес, Сингапур е светски центар на образованието, финансиите, здравството, човечкиот капитал, иновациите, логистиката, производството, технологијата, туризмот, трговијата и транспортот. Сингапур се вбројува меѓу најбезбедните, нај конкурентните и најмалку корумпираните земји во светот. Според „Индексот на демократија“, земјата е опишана како „несовршена демократија“.
Во 1965 година, Сингапур ја напушти Малезија и се оформи како самостоен град-држава. По прогласувањето на независноста, Сингапур се соочи со големи проблеми – отсуство на природни ресурси, неразвиена индустрија, социјална нестабилност и невработеност од околу девет отсто. Сингапур целосно беше зависен од надворешниот свет во нужноста од храната, енергијата и водата. Проблемите се зголемија во 1968 година, кога британската влада најави повлекување на своите трупи од Сингапур. Илјадници Сингапурци останаа без работа и една петтина од вкупната економија беше изложена на ризик.
Соочени со тешката економска и општествена расположба, владата предводена од Ли Куан Ју, познат и како Хари Ли Куан Ју, донела две стратешки одлуки, кои биле во спротивност со тогашната конвенционална економска политика популарна меѓу земјите од „третиот свет“. Замена на увозот со извозот и привлекување на глобалните мултинационални компании како средство за индустриски раст. Сингапурската централната банка истакнува дека овие две одлуки се покажале како најважните во „нашата економска историја“. Промовирањето на странските директни инвестиции, во време кога многу малку држави го правеле истото, му донеле предност на Сингапур. Сингапурската влада презеде конкретни чекори – индустриско земјиште, воспоставување на инфраструктурен капацитет, реформи во законите за работни односи, развој на основното образование со акцент на техничките вештини потреби за индустријализацијата.
Првите две децении од економската историја на Сингапур се карактеризира со раст од 10 отсто секоја година, во овој период Сингапур се оформил како новоиндустријализирана економија, меѓу првите во земјите во развој. Фискалните и монетарните политики обезбедиле макроекономска стабилност и доверба на странските инвеститори. До 1975 година, Сингапур воспоставил значителна индустриска основа, БДП се искачил за 22 отсто од 14 отсто во однос на 1965 година. Во текот на 80-те години на 20-от век, Сингапур станал водечки производител на хард дискови во светот. Во 1985 година, сингапурската економија за прв и последен пат влегла во рецесија. Рецесијата од 1985 година ги открила структурните проблеми во економијата, кои биле маскирани од силниот економски раст. Рецесијата била поттик за структурни реформи – поголема флексибилност во платите на пазарот на трудот, одлучувачко приклучување во регионалните пазари, надворешни инвестиции, промовирање на инвестициите и претприемништвото во економијата, либерализација на различни сектори (финансии, телекомуникации и др.). Сингапур доживеа одржлив економски раст. Заедно со Хонгконг, Јужна Кореја и Тајван, е еден од економските „четири азиски тигри“. Под управувањето на вториот премиер – Го Чок Тонг (1990-2004), Сингапур доживеа високи стапки на раст. Растот беше седум до осум отсто, пренесува интернет-страницата „Факти и детали“.
Денес, Сингапур е една од најпросперитетните држави во светот, пренесува „Херитиџ фондација“. Според Централната банка на Сингапур, во 1965 година номиналниот БДП по глава на жител изнесувал околу 500 долари, на исто ниво како Мексико и Јужна Африка. Во 1990 година, БДП се зголемил на околу 13.000 долари, надминувајќи ги Јужна Кореја, Израел и Португалија. До 2010 година, реалниот БДП се зголемувал во просек од 6,7 отсто. Во 2015 година, БДП по глава на жител изнесувал околу 56.000 долари, стигнувајќи ги Германија и САД. Услугите доминираат во економијата, но Сингапур исто така е и главен производител на електроника и хемикалии, а оперира и како едно од најголемите пристаништа во светот. Стапката на невработеност е една од најниските во развиениот свет. Главниот извоз вклучува интегрирани кола, рафинирана нафта и компјутери.
И покрај големиот економски развој, главен проблем на Сингапур останува нееднаквата распределба на богатството. Од целото население, 10 отсто поседуваат 60 отсто од вкупното богатство на државата. Сингапур презел конкретни мерки за намалување на нееднаквоста, во правец на развој на човечкиот капитал и вештини, систем на даноци и др. Во 2015 година, Џиниевиот коефициент изнесувал 0,41, меѓутоа нееднаквоста е незначително изменета од пред 30 години.
Трансформацијата на Сингапур е творба на Ли Куан Ју. Тој е еден од основачите на Народната акциона партија (НАП) и ја предводеше низ осум изборни победи во периодот 1959-1900 г. Неговото владеење во текот на 50 години, е едно од најдолго годишните во историјата. Во 2004 година, неговиот син Ли Сјен Лунг стана третиот премиер на Сингапур. Според уставот, Сингапур е демократија со парламентарен систем. „Херитиџ фондација“ забележува дека Сингапур има активна парламентарна опозиција, меѓутоа од независноста власта се наоѓа во рацете на Народната акциона партија (НАП). Иако не е еднопартиска држава, владата практично е под целосна контрола на НАП, а администрацијата на Ли Куан Ју не се двоумеше да го блокира подемот на ефективната опозиција. Традиционалните студентски и трудови организации – кои ги користеа опозициските групи во минатото беа ограничени. Контролата на медиумите беше во рацете на владата, а економските притисоци беа применети и врз сите весници што станаа премногу критични, забележува „Факти и детали“.
Владеењето на Народната акциона партија и Ли Куан Ју се оценува како авторитаризам и патернализам. „Фајненшл тајмс“ пренесува, сингапурската репутација како „држава дадилка“ – каде што продажбата на мастики за џвакање е забранета и непрописното фрлање отпадоци може да се казни со парична казна до 7.000 долари – е едно од наследства на Ли Куан Ју, кој почина на 91 година. Основачите на Сингапур, модерната сингапурска визија ја дефинирале како колективна одговорност над инстиктите на поединецот, за поголемо добро. „Еконимист“ забележува дека Сингапур ја проширува својата патерналистичка политика и врз расната основа. Владата на Сингапур смета дека хармоничниот мултикултурализам е кревок и треба за се негува преку политиките кои предвидуваат етнички квоти во домувањето, гарантирана застапеност на малцинствата во парламентот и ограничување на слободата на говорот. Навредувањето на религиозните чувства и етничката припадност и „промовирање на непријателство меѓу различни групи врз основа на религија или раса“ е казниво дело во висина од три години затвор. „Саут чајна морнинг пост“ пренесува дека постои верување оти „азискиот авторитаризам“ во Сингапур ја покажа компатибилноста помеѓу ефективниот економски менаџмент и еднопартиската власт, зголемувајќи ги сомнежите за соодветноста на демократијата во западен стил за азиските земји.
Сингапур има релативно едноставен судски систем, составен од Висок суд, Апелационен суд и неколку видови на судови кои ги разгледуваат економските прашања.