Фото: Игор Бансколиев

Измените на Законот за земјоделско земјиште се сериозна реформа на секторот и начин за отстранување на сите проблеми во доделувањето на државно земјоделско земјиште под закуп, посочи министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, презентирајќи ги законските новини.

Тој истакна дека измените се направени по детални анализи на тимот од секторот за земјишна политика и во консултации со земјоделските здруженија. Вистинската распределба на државното земјоделско земјиште, во согласност со предвидените законски измени, ќе значи зголемени обработливи површини и зголемено производство на квалитетни, конкурентни и безбедни земјоделски производи.

– Со измените овозможуваме правилна и транспарентна распределба на државното земјоделско земјиште под закуп и ставање во функција на целокупното земјоделско земјиште во државата. Една од клучните измени е во делот за младите земјоделци за нивна поголема вклученост во земјоделството и можност да почнат сопствен агробизнис. Лица до 40 години ќе бидат ослободени од закупнина три години од склучување и стапување во сила на договорот. Решаваме еден долгогодишен проблем на одгледувачите на пчели, а тоа е недостигот од површини за поставување пчелни семејства. Со новите измени се проширува намената на земјоделско земјиште кое може да се додели во закуп со можност и за поставување пчелни семејства – објасни Николовски.

Дел од измените предвидуваат можности кои се од исклучително значење за земјоделците кои конкурираат на јавните огласи и повици, како и за ефикасна и поголема искористеност на расположливите обработливи површини.

– Ја отстрануваме пречката која ја имавме за огласите над 3 хектари, каде што имаше наддавања и до 100 милијарди евра, односно огромни суми, а на крајот за атрактивни локации не се склучуваа договори. Со измените ограничуваме да не може никој да си дозволи да врши електронско наддавање до огромни нереални суми, а притоа да нема никаква обврска. Конкретно, ги обврзуваме тие што ќе понудат каква било сума, а не склучат договори, за да не стои земјиштето необработено, државата да има право на надомест на штета во износ од една годишна закупнина која тие ја понудиле. На овој начин ќе ги отстраниме несериозните апликанти, заради кои лицата кои навистина сакаат да инвестираат не можат да добијат можност – додаде министерот.
Тој исто така посочи дека се внесува уште една можност при електронското наддавање за земјоделско земјиште над 3 хектари, доколку прворангираниот не го склучи договорот, тоа може да го стори второрангираниот.

– Со оваа измена ја забрзуваме целата процедура, да не ги повторуваме постапките, оти се соочивме за две години да не можат да се реализираат одредени јавни огласи само заради пречки од ваков вид, кои постојано стоеја во законот – појасни Николовски.

Со измените се овозможува на земјоделско земјиште да се градат објекти за промоција на земјоделски производи, односно угостителски објекти и изградба на објекти за спортско-рекреативни активности. Од МЗШВ велат дека тоа ќе придонесе за зголемување на инвестициите на ваков тип објекти од страна на земјоделските стопанства, ќе се зголеми искористеноста на ИПАРД-програмата и ќе се придонесе за развој на рурални средини преку рурален туризам.
Николовски појасни дека оваа измена е во корелација со измените на Законот за вино во којшто се олеснуваат критериумите за физичките лица кои произведуваат вино и за отворање и работа на малите и средни винарници.

– Досегашниот закон не дозволуваше доделување земјоделско земјиште на земјоделци кои веќе имаат склучено договор за закуп, иако тој договор може да е само за 1, 2 или 3 хектари. Со сегашните измени им се овозможува на овие земјоделски стопанства да аплицираат на огласи за закуп до обезбедување површини од 10 хектари. На тој начин се создаваат услови за окрупнување на површините и за зголемување на производството – рече министерот.
Е.Р.