Премиерот Зоран Заев упати силна поддршка за иновативните идеи на македонската старт-ап заедница и нивната голема улога во економскиот раст, како на локално, така и на национално ниво во своето воведно обраќање на првиот Национален старт-ап самит „Заеднички влијаеме”.
Премиерот заедно со вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров и амбасадорката на Швајцарија во земјата Сибил Зутер Техада, како и со претставници од македонската старт-ап заедница, ги дефинираа чекорите кои државата ги презема за да се позиционира како регионален старт-ап хаб, каде секое лице со квалитетна идеја, истата ќе може да ја преточи во бизнис.
Заев рече дека Владата продолжува уште позасилено да ги мотивира старт-ап компаниите да се развиваат, да освојуваат нови пазари, интернационално да се поврзуваат, да креираат висока додадена вредност и да прераснат во национални брендови.
– Вашите успешни иновативни приказни се мотив за сите оние кои размислуваат дали да ја преточат својата идеја во бизнис. Во портфолиото на ФИТР, само во последните три години, поддржани се 559 компании преку ко-финансирани проекти, со над 76 милиони евра инвестиции, што е навистина неспоредливо со периодот пред 2017 година, кога беа поддржани само 30-тина компании. Особено ми е драго што над 50 отсто од портфолиото на Фондот се старт-ап компании, претежно основани од млади луѓе. Ова зборува дека имаме многу потенцијал, многу паметни и мотивирани млади луѓе кои е вредно да бидат поддржани, да работат за себе, за развој на бизнисот, а со тоа и за развој на економијата во сопствената држава. На сите претприемачи сакам да им честитам за храброста што и во услови на пандемија не застануваат, напротив се мотивираат, ги дигитализираат процесите и имплементираат најсовремени алатки за развој на сопствениот бизнис – рече премиерот и додаде дека Владата ги поддржува и дополнително создава услови за развој на претприемачкиот и иновацискиот екосистем.
Вицепремиерот Битиќи искажа задоволство за реализацијата на првиот Национален старт-ап самит, бидејќи како што рече иднината се младите луѓе, визионери, претприемачи.
Директорот на ФИТР, Петров, пак, рече дека Самитот се организира со цел градење посилна старт-ап заедница, зајакнување на претприемачкиот дух во македонското општество и создавање на глобално успешни стартапи.