Поради сомнеж за физичка контаминација, присуство на страно тело – глушец, во замрзнат зеленчуков микс на „Сани фантази- Царски микс” по потекло од Република Србија, увезен од „КАМ ДООЕЛ“, Агенцијата за храна и ветеринарство издаде забрана за промет на овој производ и нареди негово повлекување од рафтовите на „КАМ“ маркетите на цела територија на државава.
Издадена е наредба на операторот со храна да изврши сопствена проверки на секоја серија од овој производ, во сите маркети каде е пласиран производот, на територијата на цела држава, се вели во соопштението од Агенцијата.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Никола Бабовски потенцира дека „АХВ“ ќе изврши вонредни инспекциски надзори и ќе провери дали пласираните количини од овој производ се повлечени од малопродажната мрежа. Извршени ќе бидат и органолептички прегледи на одредени примероци, од секоја серија на овој производ. Примероци за контрола на микробиолошките критериуми за безбедност на производот ќе бидат испратени на лабораториско испитување.
Агенцијата за храна и ветеринарство ги известува потрошувачите доколку купиле ваков производ, пред консумација внимателно да го отворат и прегледаат и доколку утврдат присуство на страни тела, истиот производ да го вратат на местото на купување и за тоа да ја известат Агенцијата.
За случајот кој беше објавен викендов на социјалните мрежи, до Агенцијата не е поднесена претставка.
Како одговорна институција за безбедноста на храната, апелираме ваквите случаи место на социјалните мрежи, да се пријавуваат кај надлежните институции. Ги потсетуваме граѓаните дека секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната можат да ја пријават до Агенцијата за храна и ветеринарство, лично, писмено, електронски на [email protected] и на бесплатната телефонска линија за потрошувачите 0800 3 22 22, стои во писменото соопштение од Агенцијата.
„КАМ“ ги повикува надлежните да го истражат случајот до крај
Компанијата „КАМ“ преку соопштение до јавноста ги повика надлежните институции да го истражат случајот.
Компанијата КАМ, која својата доверба посветено ја гради повеќе од две децении кај домашните и потрошувачите во регионот, соработува исклучиво со домашни и странски производители и дистрибутери на храна кои ги поседуваат современите сертификати за квалитет ИФС, ХАЦЦП, ИСО 9001, ИСО 22000. На оваа основа секторот за Контрола на квалитет во нашата компанија континуирано ја контролира исправноста на производите, протокот на производите, ладниот ланец и секогаш во повеќекратно поголем обем од законски предвидените. Таков е случајот и со производите од предметниот производител кој во изминато тримесечје оваа година е контролиран 3 (три) пати.
Непосредно по објавувањето на информацијата, согласно процедурите на компанијата, важечките закони и стандарди во насока на заштита на интересите на своите потрошувачи КАМ веднаш отпочна постапка за испитување на случајот и негово расветлување, а предметниот производ е во целост повлечен од сите наши маркети до разрешница на предметот со соодветен акт од страна на надлежните инспекциски органи.
Компанијата КАМ по повод овој случај веднаш се обрати и до производителот кој исто така подлежи на постојан надзор од националните служби за исправност на храната во Република Србија и произведува согласно посочените стандарди кои го штитат здравјето на потрошувачите.
Компанијата КАМ, по остварената комуникација со реномираниот производител на замрзнати производи беше известена дека согласно воспоставените европски контролни системи практично е невозможно да дојде до вакво контаминирање на производот имајќи го во предвид строго контролираниот тек на процесот на производство и поради тоа останува отворен за официјална истрага базирана на документите од надлежните инспекциски органи во нашата држава.
Во оваа насока, со цел доследно документирање и професионално обработување на овој случај КАМ ги повика надлежните инспекциски служби да ја проверат информацијата и транспарентно во интерес на вистината, случајот да се истражи до крај.
По утвдувањето на фактичката состојба ќе може да се превземат соодветните законски мерки со цел правилно информирање на јавноста, заштита на интересите на потрошувачите, но и интересите на засегнатите компании и пред се зачувување на искрено воспоставената доверба спрема маркетите на нашата компанија, се наведува во соопштението на „КАМ“.