Според првичните податоци од подрачните единици на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство, жетвата на житните култури е во полн ек.
Јачменот во 2019 година е засеан на околу 60.000 хектари. До вчера се ожнеани околу 80 отсто од површините, при што е остварен просечен принос од околу 3,3 тони по хектар. Пченицата е засеана на околу 70.500 хектари. Жетвата на пченицата е во полн ек и до вчера се ожнеани околу 30 отсто од засеаните површини со остварен просечен принос од околу 3,5 тони по хектар во зависност од регионот. Според првичните процени, оваа година се очекува производството на пченица да се движи од 240.000 до 250.000 тони или да биде за околу 4 отсто поголемо од производството 2017 година.
Некои од мелничарските компании веќе имаат почнато со откуп. Според податоците од Државниот инспекторат за земјоделство, во моментов откупната цена се движи од 9 до 10 денари за килограм во зависност од тоа дали е пченицата од прва, втора или трета класа, и се очекува да расте цената со оглед на тоа што е почеток на жетвата на пченицата. Инспекторите од ДИЗ се постојано на терен за да го контролираат откупот и дали секоја компанија што откупува ги има навреме истакнато откупните цени.
Пред почетокот на жетвата во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, беа одржани состаноци на потсекторската работна група за жита во која членуваат претставници од стопанските комори, земјоделски здруженија и од секторите од МЗШВ. Агенцијата за стоковни резерви минатата недела го објави јавниот оглас за набавка на 7.165 тони меркантилна пченица за обнова на потребите на стоковните резерви, што во овој период ќе влијае позитивно на пазарот на пченица во делот на зголемување на откупната цена. Е.Р.